• среда, 27 ноември 2024

Активистички говори, млади бендови и креативни работилници на „Енгејџ“

Активистички говори, млади бендови и креативни работилници на „Енгејџ“

Скопје, 9 јуни 2023 (МИА) - Во Младинскиот културен центар (МКЦ) денеска ќе започне дванаесеттото издание на настанот за социјален активизам „Енгејџ“ (ENGAGE). Организатори се Младински образовен форум и Радио МОФ.

- Присутните ќе можат да слушнат инспиративни говори од домашни и странски активисти за друштвените мрежи како средство за промени, поезијата како отпор против патријархалните норми, за тоа како младите уметници се борат против скептицизмот, но и за правата на текстилните работнички. Исто така, дел од говорниците ќе се осврнат и на „Мое здравје“ - гласот на лицата со оштетен слух, други ќе зборуваат за генерацијата Зет и нивната моќ да го трансформираат активизмот и прават поинклузивен свет, а ќе бидат отворени прашања и за родовата еднаквост во 21. век, соопштија организаторите.

Како што е најавено, учесници ќе бидат активистката Kристина Ампева од „Гласен текстилец“, Нина Павичевиќ од Црна Гора, комуниколог и креатор на @kriticki, Леон Шумански од „Гола планина колектив“, потоа Викторија Хамет од САД, од организацијата „Gen-Z for Change“, Гералдина Гуера Гарсес од Еквадор, од фондацијата АЛДЕА, исто така Христина Божиновска Ѓикова од здружението „Млад знак“, но и активистката Аделина Тершани од Косово, која ќе има и своја изведба на слем поезија.

Овогодинешниот настан ќе биде поделен во три дела.

- „Енгејџ д стејџ“ (Engage the stage) - каде ќе се има можност да се слушнат домашни и меѓународни говорници кои ќе го пренесат нивното искуство на темите родова еднаквост, животна средина, човекови права, граѓански иницијативи и музика. „Енгејџ д вркшопс“ (Engage the workshops) - лица ќе може да се вклучат во една од креативните работилници за реупотреба на стара облека со техника на сито принт, техники за справување со стрес и дишење и како да се преживее на планина. „Енгејџ д најт“ - ќе може да се слушнат бендови од младата генерација дел од „Гола планина колективот“ до полноќ, се наведува во соопштението.

Преку „Енгејџ“, како што се додава во соопштението, МОФ и Радио МОФ се стремат да го подигнат нивото на информираност на граѓаните, нивната присутност и активно делување, како онлајн, така и во физичкиот простор.

- Со програмата, „Енгејџ“ обезбедува едукација, интеракција и инспирација за индивидуи, групи и организации чија цел е да го подобрат општеството во кое живееме, се истакнува во соопштението.

Повеќе информации за настанот може да се видат на engage.mk.

Настанот е поддржан од National Endowment for Democracy. бд/са/

 

Остани поврзан