• понеделник, 08 декември 2025

Јапонија и Австралија се договорија да ги продлабочат безбедносните врски

Јапонија и Австралија се договорија да ги продлабочат безбедносните врски

Токио, 7 декември 2025 (МИА) – Министрите за одбрана на Јапонија и Австралија – Шинџиро Коизуми и Ричард Марлс, денеска се договорија да ја зајакнат соработката, еден ден откако кинески воен авион двапати го насочил својот радар кон јапонски ловец, пренесе јапонската новинска агенција Кјодо.

Кинески ловец Џеј-15 (J-15), кој полетал од носачот на авиони „Љаонин“, го насочил својот радар кон јапонски авион Ф-15 двапати вчера – еднаш во 16:32 часот по локално време и повторно во 18:37 часот, соопшти Коизуми.

- Вчерашните настани се загрижувачки. Австралија исто така била цел на слични дејствија од страна на Кина, му рече Марлс на Коизуми на почетокот на разговорите, чии први минути беа отворени за медиумите.

Австралија ќе биде до Јапонија, „за да се наметне поредок заснован на правила во овој регион“, посочи тој. „Ќе дејствуваме решително“, додаде австралискиот министер за одбрана, кој е и вицепремиер.

Коизуми ги нарече инцидентите „опасни“ и „предизвикуваат исклучително жалење“.

Јапонија „ќе продолжи да реагира на слични дејствија на смирен, но решителен начин, за да има мир и стабилност во регионот“, истакна тој.

Марлс претходно го разгледа системот за противракетна одбрана земја-воздух „Патриот“ (поточно Patriot Advanced Capability-3) во комплексот на Министерството за одбрана во Токио.

Австралија во август избра модернизирани јапонски бродови од класата „Могами“ (Mogami) за обновување на својата флота. Се очекува Канбера да купи 11 бродови од Токио, а првите три веројатно ќе бидат изградени во јапонски бродоградилишта. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан