• понеделник, 15 декември 2025

Јакупоски во увид на градежните работи во село Присојница

Јакупоски во увид на градежните работи во село Присојница

Дебар, 13 декември 2025 (МИА) – Повереникот со надлежности на градоначалник на Општина Маврово и Ростуше, Онер Јакупоски, изврши теренска обиколка на градежните работи кои се одвиваат во селото Присојница.

-Целта на посетата беше увид во динамиката на градежните активности за проектите кои се од витално значење за подобрување на локалната инфраструктура. Со изградбата на потпорните ѕидови драстично ќе се прошират селските локални патишта со што ќе се овозможи полесен пристап до секој дом во ова населено место, информираа од општината.

За време на престојот во Присојница, Јакупоски остварил средби со месното население, каде во директен разговор биле разменети мислења за идните приоритетни проекти кои треба да го подобрат квалитетот на живот во ова село.

-Како еден од клучните заклучоци од средбата беше најавата од потреба за формирање на месната заедница во Присојница, која повеќе од две години не функционира. Овој важен процес е планирано да се официјализира околу новогодишните празници, период кога бројната дијаспора се враќа во родниот крај, додаваат од општината.

Посочуваат дека целта е сите граѓани, вклучително и оние кои работат во странство, да бидат активно вклучени во одлучувањето и легитимното претставување на интересите на Присојница.

-Нашата мисија е инклузивност. Сакаме кога дијаспората ќе биде тука, заеднички да ја поставиме новата структура на месната заедница и да ги дефинираме проектите за следната година. Гласот на секој жител на Присојница е важен, изјавил Јакупоски.

Нагласил дека општината продолжува со засилено темпо на работа, ставајќи ги потребите на граѓаните на прво место. вт/дма/

Фото: Општина Маврово и Ростуше

Остани поврзан