Јавен повик за поставување на монтажни штандови за манифестација „Новогодишно – Божиќен базар“ во Куманово
- Регионалната занаетчиска комора- Куманово, во партнерство со Општина Куманово, го објавија годинешниот јавен повик за учество на „Новогодишно–Божиќниот базар“, манифестација која се одржува традиционално на градскиот плоштад и претставува значајна платформа за промоција на локалните бизниси, занаетчии и креативци. Повикот, кој се однесува на периодот од 15 декември 2025 до 10 јануари 2026 година, има за цел да ја стимулира локалната економија и да ја зајакне видливоста на производите и услугите создадени во Куманово и регионот.
Куманово, 5 декември 2025 (МИА) - Регионалната занаетчиска комора- Куманово, во партнерство со Општина Куманово, го објавија годинешниот јавен повик за учество на „Новогодишно–Божиќниот базар“, манифестација која се одржува традиционално на градскиот плоштад и претставува значајна платформа за промоција на локалните бизниси, занаетчии и креативци. Повикот, кој се однесува на периодот од 15 декември 2025 до 10 јануари 2026 година, има за цел да ја стимулира локалната економија и да ја зајакне видливоста на производите и услугите создадени во Куманово и регионот.
Овогодишниот базар опфаќа поставување на 13 дрвени монтажно-демонтажни штандови, наменети за правни и физички лица кои нудат производи или услуги усогласени со празничната тематика. Специфичноста на оваа година е што штандовите ќе бидат доделени целосно бесплатно, како мерка за директна поддршка на локалната економија, малите производители и занаетчиите. Одлуката претставува продолжување на политиките на РЗК Куманово за јакнење на претприемништвото и за поттикнување нови економски можности.
Повикот е резултат на континуираната соработка меѓу РЗК Куманово и Општина Куманово, формализирана со потпишаниот Меморандум за соработка од 2021 година. Овој документ ги дефинира насоките за заедничко делување во насока на одржлив економски развој, поддршка на занаетчиите и стимулирање на културно-економските активности кои придонесуваат за промена на локалната економска динамика. „Новогодишно–Божиќниот базар“ е токму практичен пример за таквата синергија.
Заинтересираните излагачи ќе бидат селектирани според неколку критериуми: тематска усогласеност со празничниот дух, оригиналност и безбедност на производите, усогласеност со законските прописи и предност за порана пријава. Со оглед на ограничениот број штандови, акцентот е ставен и на разновидноста на понудата.

Дозволени се широк спектар на дејности, од традиционални занаетчиски изработки и рачно изработени украси, до домашни органски производи, топли напитоци, подготовка на палачинки, печење костени и продажба на празнични подароци. Манифестацијата има цел не само да обезбеди продажен простор, туку и да создаде автентична празнична атмосфера во центарот на градот.
Организаторите предвидуваат строги правила за користење на штандовите: редовно отворање во период од 10:00 до 22:00 часот, одржување хигиена и безбедност, забрана за неподобрени рекламни активности и усогласеност со прописи за храна и алкохол. Осветлувањето на штандовите ќе биде обезбедено од организаторот, но користењето електрична енергија за греење или подготовка на производи ќе биде обврска на самиот излагач, кој мора да обезбеди сопствен приклучок или агрегат, како и соодветна противпожарна опрема.
Овие мерки имаат за цел да гарантираат безбедна средина за посетителите, но и функционални услови за учесниците, што е од особено значење во зимскиот период кога манифестацијата се одвива на отворено.
Сите заинтересирани треба да поднесат барање до канцеларијата на РЗК Куманово најдоцна до 11 декември 2025 година, во просториите на занаетчиската комора. ам/лв/
Фото МИА