Ѓорѓиевски: Почна акцијата за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти
- Според Ѓорѓиевски, нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Акцијата се спроведува без никакви отстапки, со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
Скопје, 19 декември 2025 (МИА) - Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски информира дека е почната сеопфатна и одлучна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Според Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки, со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
-Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Почнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки. Јавните површини им припаѓаат на граѓаните. Тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на ничиј личен интерес. Повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на нашите сограѓани, напиша Ѓорѓиевски на својот фејсбук профил.
Акцијата, нагласува градоначалникот, продолжува со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
-Ова е процес во кој сите сме партнери. Ги повикувам граѓаните на Скопје активно да се вклучат, да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор и да помогнат да изградиме град во кој владее ред, достоинство и еднаква пристапност за сите. Заедно градиме град каков што заслужуваме, наведува Ѓорѓиевски. мч/лв/
фото: МИА