Шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија: Најголемиот предизвик за Србија е длабоката поларизација
- Најголемиот предизвик за Србија е длабоката поларизација, а за да се напредува во процесот на пристапување кон Европската унија и потребно е да се создадат повеќе можности за дијалог, да не се избегнуваат тешки теми, туку јасно и отворено да се зборува за нив, изјави денеска шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Андреас фон Бекерат.
Белград, 28 ноември 2025 (МИА) - Најголемиот предизвик за Србија е длабоката поларизација, а за да се напредува во процесот на пристапување кон Европската унија и потребно е да се создадат повеќе можности за дијалог, да не се избегнуваат тешки теми, туку јасно и отворено да се зборува за нив, изјави денеска шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Андреас фон Бекерат.
„Ги разбирам фрустрациите на граѓанското општество поради зголемениот притисок на кој се изложени наутро, а потоа - попладне - да бидат поканети на дијалог со властите“, рече фон Бекерат на Заедничкиот консултативен комитет на Комитетот ЕУ-Србија
„А која е другата опција?...Без воспоставување дијалог поларизацијата ќе биде поголема. Ве охрабрувам да учествувате во дијалогот, не за да приватизирате решенија што не се прифатливи за вас, туку за да ја тестирате владата“.
Ве охрабрувам силно да го продолжите дијалогот и да го искористите пристапувањето кон ЕУ како платформа за тој дијалог, рече Фон Бекерат и потсети на зборовите на европската комесарка Марта Кос дека европските реформи се она што го бараат и студентите на улица.
Кога станува збор за реформи, важно е секојдневно да се работи на нивно спроведување, особено во областите на владеењето на правото, основните права, изборната реформа, слободата на медиумите, но не затоа што Брисел го бара тоа, туку затоа што тоа ќе го подобри секојдневниот живот на граѓаните, рече Фон Бекерат.
Тој посочи на клучната улога на граѓанското општество и социјалните партнери во процесот на пристапување.
Пристапувањето кон ЕУ не е само обврска за Владата, туку и за целото општество. Србија мора да го направи својот стратешки избор, а овој состанок е можност отворено да се разговара за тешките прашања и да се воспостави доверба, не за да се избегнуваат тешки теми, туку за да се разговара за нив јасно и отворено, рече амбасадорот на ЕУ.
Заменик-министерот за европски интеграции Мирослав Гачевиќ рече дека дијалогот придонесува за зајакнување на демократските институции, подобрување на јавните политики и разбирање на стратешките политики во процесот на европска интеграција.
Гачевиќ додаде дека Србија го гледа извештајот на ЕК како насоки и патоказ за реформи, како поттик за реформи и зајакнување на европските стандарди.
Членството во ЕУ е национален интерес и стратешка обврска, бидејќи Србија ги поддржува европските вредности, рече Гачевиќ. зш/ссм/