• недела, 11 јануари 2026

ЦУК: Состојба по обилните дождови, излевања реки, поплави, одрони,...

ЦУК: Состојба по обилните дождови, излевања реки, поплави, одрони,...

Скопје, 8 јануари 2025 (МИА) - Центарот за управување со кризи информира дека обилните врнежи заклучно со 21 часот синоќа предизвикале излевања на дел од реките, поплави на станбени објекти, земјоделско земјиште, подруми, како и одрони и свлечишта на дел од патиштата. Од ЦУК велат дека ја следат состојбата и ги повикуваат граѓаните, доколку имаат потреба или забележат проблеми, да ги пријават на бројот 112. Се очекува објава од ЦУК за најновата состојба. 

Според пријавите и интервенциите споделени на фејсбук-страницата на ЦУК синоќа до 21 часот, во Кичево евекуирани се 60 лица откога биле поплавени станбени објекти на улицата Прилепска.

Регистрирани биле одрони на патот Гостивар - Стража, но сообраќајот се одвива редовно, а на патот Тетово - Бањиче одрони покрај коловозот го отежнувале сообраќајот. Кај Балин Дол од излевањето на Вардар поплавени се 10 земјоделски парцели и неколку дворови и намалено е производство на ХЕЦ „Маврово“.

Поради излевање на Лакавичка и Сушичка Река, кај селото Мало Турчане и селото Горно Бањице поплавено е земјоделско земјиште, а Општината, наведува ЦУК, нема соодветна механизација.
Кај селоѕо Форино интервенирано е поради паднато дрво во коритото на Вардар, што е ризик од поплава, а кај Тетово - Бањиче (Цртаниот ѕид) се работело на расчистување на патот од свлечишта и одрони. 

Во Битола и околината имало поплава кај мостот во селото Лера со можно проширување кон селото, а во селото Породин поплава на живинарска фарма.

Во општина Ресен, во селата Перово, Дремени и Долна Бела Црква, поплавени се дворови и земјоделски земјишта, но реките не се излеани, а во селото Сирхан имало одрон, кој е отстранет.

Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови, а интервенирале јавните претпријатија и локалната самоуправа.

На патот Охрид - Пештани (кај хотелот „Гранит“) се работело на расчистување одрон на патот, како и во Струга (Татеши - Мислодежда, Дебар - Струга). 

Во Боговиње има поплави на обработливо земјоделско земјиште поради затекнат канал од изградба на автопат, но нема загрозени куќи.

Сите надлежни служби се на терен и активно интервенираат за справување со последиците од обилните врнежи. Граѓаните се повикуваат да бидат внимателни и да ги следат официјалните упатства, се вели во информацијата од ЦУК.

УХМР најави дека под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер, утре врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и на некои од пониските места. На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и на пониските места. Утре ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено в сабота, повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурата ќе биде во опаѓање.лв/

фото: МИА архива 

 

Остани поврзан