• петок, 21 февруари 2025

Центарот за култура Крива Паланка реализира кампања "Читаме гласно, говориме јасно"

Центарот за култура Крива Паланка реализира кампања

Крива Паланка, 11 февруари 2025 (МИА) - Со кампањата „Читаме гласно, говориме јасно“, Националната установа Центар за култура Крива Палака и годинава по повод Светскиот ден на читањето, 2 февруари, поттикнува развивање на љубовта кон читањето и пишанито збор кај сите генерации.

Кампањата се реализира втора година во низа, на иницијатива на ментор-професор Лариса Жулина Митовски од основното општинско училиште „Свети Јоаким Крчовски“ од градот во соработка со литературен клуб „Калин“ од библиотеката „Кочо Рацин“ при установата, а е наменета за сите предучилишни установи и воспитно-образовни институции од основните училишта во Северна Македонија со нивните ментори, јавни личности и родители.

Во знак на гласното читање минува цел месец февруари со една важна порака, да ги поттикнеме сите личности кои непосредно влијаат на создавање љубов кон читањето и развој на говорни вештини кај децата: родители, наставници, воспитувачи и негуватели, баби и дедовци, мајки и татковци, да читаат гласно пред младите. Целта е со читање на глас со дечињата да развијат читачки навики кај нив, како основа за нивна правилна надградба како индивидуи во текот на животот, посочува Даниела Петровска, в.д. директор на НУ Центар за култура, Крива Паланка.

Според неа, читањето придонесува за успешна реализација на училишните задачи и стекнување соодветни знаења и вештини, а читањето на глас превенира појава на тешкотии при читање и  дислексија кај дечињата, особено во ерата во која живееме, на модерни технологии и намален тренд на читање печатени книги.

-Читајќи, децата се запознаваат со литературниот јазик што се разликува од секојдневниот говор и разговорен јазик, што е особено важно за образованието. Додека слушаат, децата ги развиваат својата фантазија и креативност, додава Петровска.

Кампањата повикува на изработка на видео снимка од гласно читање книга со дечиња: ученици, внуци или пријатели, а секој наставник или ментор може да учествува со една видео снимка, во траење до 3 минути. Видео- материјалот треба да биде поставен на YouTube и се доставува како линк, со наведени генералии, податоци за учесниците и согласност за објавување на видео-материјалот на е-маил адреса на НУЦК, Крива Паланка, nucentarzakulturakp@gmail.com до крајот на месецот. 

На крајот од кампањата ќе биде објавена видео - компилација од сите учесници, за кои ќе бидат доделени и сертификати за учество.

Кампањата има за цел негување на македонскиот литературен јазик и читање стихови за деца, песни од македонски поети и раскази или извадоци од романи од македонски автори. ид/сст/

Фото
НУ Центар за култура Крива Паланка 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан