Цветковски: Имаме големи таленти за развивање видеоигри, допрва ѝ претстои цутење на оваа индустрија
- -До овој момент игрите кои ги извезуваме се помалку отколку кадарот со кој разполагаме и го даваме на пазарот во странство. Кај нас официјално има преку 300 вработени во секторот за развивање игри, во домашни фирми, и по претпоставка барем уште 30 проценти работат за странски компании и фирми. Игрите кои се прават во Македонија се најразлични. Најзастапени се мобилни и Инди игри, но игрите за конзоли и компјутери не заостануваат многу. Благодарение на големиот талент со кој располага нашата земја, технички и креативен, тврдам дека на оваа индустрија допрва ѝ претстои цутење, вели Цветковски.
Скопје, 10 јануари 2026 (МИА)
Хатка СМАИЛОВИЌ
Не само што ги имаат како прв избор за забава, туку многу млади кај нас се и креатори на видеоигри. Во секторот за развивање игри во државава работат над 300 луѓе, а барем уште 30 отсто од овој број се ангажирани во странски компании.
-Игрите кои се прават во Македонија се најразлични. Најзастапени се мобилни и Инди игри, но игрите за конзоли и компјутери не заостануваат многу, вели Гораст Цветковски, претседател на МГИ - Асоцијација на македонската индустрија за видеоигри (Macedonian Games Industry Association).
Нашиот познат актер ја предводи повеќе години оваа Асоцијација која обединува 20 студија и поединци вклучени во гејминг индустријата, а оваа година МГИ беше примена и во Европската федерација на развивачи на видеоигри (European Games Developer Federation-EGDF).
-Благодарение на големиот талент со кој располага нашата земја, технички и креативен, тврдам дека на оваа индустрија допрва ѝ претстои цутење, изјави Цветковски во разговор за МИА.
За себе вели дека не е сè уште „директно инволвиран во продукцијата на развивање игри“, но дека „ништо не е заклучено“.
-Желбата за креација сè уште е тука, и убеден сум во иднина ќе дојде момент кога ќе запливам и во тие води – директно, додава Цветковски.
Можност за многу млади да се нурнат во оваа креативна област нудат маратоните за правење игри Global Game Jam Skopje секоја година. Во 2026-та дводневниот маратон ќе се одржи од 30 јануари до 1 февруари.
Од кога постои Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри (МГИ) и колку студија за креирање видеоигри обединува?
-МГИ е продолжување на работата на претходната асоцијација која ја започнавме во 2013 година. Во тој период беа направени голем број работилници, обуки, гејм џемови и друг тип на активации кои придонесуваат кон развојот на индустријата за развивање игри.

Оваа година, МГИ ја одржа првата самостојна конференција за развивање игри во Македонија која, според посетителите и медиумите, ги надмина сите очекувања.
Во моментов во Македонија идентификувавме 20 студија и индивидуи, но со сигурност бројката е поголема.
Развивањето видеоигри (гејминг индустријата) во светот е брзорастечка гранка, во таа насока - колкав креативен потенцијал има државава, дали извезуваме видеоигри и можат ли тие да донесаат приходи во економијата?
-До овој момент игрите кои ги извезуваме се помалку отколку кадарот со кој разполагаме и го даваме на пазарот во странство. Кај нас официјално има преку 300 вработени во секторот за развивање игри, во домашни фирми, и по претпоставка барем уште 30 проценти работат за странски компании и фирми.
Игрите кои се прават во Македонија се најразлични. Најзастапени се мобилни и Инди игри, но игрите за конзоли и компјутери не заостануваат многу. Благодарение на големиот талент со кој располага нашата земја, технички и креативен, тврдам дека на оваа индустрија допрва ѝ претстои цутење.

Како претставник на целата гејминг индустрија во државава, МГИ оваа година стана член на Европската федерација на развивачи на видеоигри (European Games Developer Federation-EGDF) - што значи тоа за нашите креативци, ќе имаат ли ЕУ-фондови како поддршка, какви можности добиваат?
-Фондовите и сега ни се достапни, освен оние кои се стриктно направени за земји членки на ЕУ. Она што сега го имаме како бенефит е сите оние проблеми кои ги имаме како девелопери во Македонија, можеме да ги адресираме до конкретно место за тие да се решат, а верувајте ми, луѓето во ЕГДФ едвај чекаат материјал за да можат да ја „пеглаат“ Европа во полза на девелоперите и студијата.
Колку за пример, тука станува збор за двојно оданочување, немање регион на Плејстејшн односно Македонија ја нема во листата на земји, а со тоа нашите развивачи на игри не можат да добијат дев-китови т.е. конзоли потребни за правење на игрите, потоа игрите кои ги прават не можат да си ги објават под името на нашата држава, па мора да наоѓаат разноразни обиколки и ред други „сопки“ со кои се судираме.

На првата интернационална конференција во Македонија посветена на индустријата за развој на видеоигри (Game Dev Rev) што ја организиравте во октомври, претставниците на EGDF ги пофалија нашите студија за креирање игри. Може ли да ни претставите конкретни проекти на некои од нив? На пример, Furious Avocado има креирано игра со над 150 милиони преземања во светот.
-Има доста. Ги спомнавте Furious Avocado како одличен пример, но тука се и Dark-1 со играта Skopje `83 која излезе пред еден месец. Игра од светски калибар. Тука е и студиото Intetic со двата дела на The Strange Story Of Brian Fisher. Игрите Shtrek, Olga, Chasmal Fear.
Тука ставете ги огромниот број на игри за мобилни кои го прават Crazy Labs и, секако, инди студијата како Game Soup, Sindex, Neraat Games, Isotope, .GRAVITY, и многу други.
Целата листа на игри можете да ја видите на нашиот индекс на игри направени од македонски девелопери на веб-страницата mgi.mk
Каде младите таленти и креативци се едуцираат за оваа област, имаме ли образование за гејминг, дали е тоа во склоп на ИТ-образованието?
-Во моментов платформата shift2games.com е одличен почеток. Тоа е проект на МГИ заедно со Српската гејминг асоцијација, и е комплетно на македонски јазик. На неа може да се најдат сите профили кои работат во индустријата, потребно предзнаење, образование, алатки, начин на аплицирање за работа, литература која е потребна па дури и примери за тоа како изгледаат интервјуата за работа.
Се разбира, друг чекор е да дојдат на Global Game Jam 2026 Скопје, тоа е 48-часовен маратон во правење игри кој го правиме 13 години по ред, на кој може да се запознаат луѓе кои веќе креираат и сакаат да креираат игри.

Овој пат ќе се одржи од 30 јануари до 1 февруари. Повеќе детали може да се најдат на сајтот на МГИ – mgi.mk
Дали Вие креирате видеоигри, колку е тоа сложено, и како гејмингот, покрај актерството како професија, стана Ваша преокупација?
-Јас лично влегов во овој „ролеркоустер“ од поривот да креирам игри и немањето на комјунити и простор каде да се направи тоа, но откако се фатив со бирократијата и логистиката за да се овозможат тие потребности, за жал, сè уште не сум директно инволвиран во продукцијата на развивање игри.
Но, овие 13 години ми дадоа чест и задоволство да гледам како луѓе кои биле комплетни аналфабети и анонимуси во гејм девелопмент, благодарение на напорот кој сме го направиле, сега се светски познати гејм дизајнери или продуценти и суперстарс во гејминг светот.

Но, ништо не е заклучено... желбата за креација сè уште е тука, и убеден сум во иднина ќе дојде момент кога ќе запливам и во тие води – директно.
Имате ли омилена видеоигра?
-Quake (1996)
Фото: Архива на Гораст Цветковски