Хуманост на дело за помош на младата Емилија Георгиев од Крива Паланка
- По објавите за финансиска помош на младата невработена Емилија Георгиев од Крива Паланка, мајка на две малолетни деца, која се бори со тежок вид канцер, помош пристигна и од Франција.

Крива Паланка, 10 февруари 2025 (МИА) - По објавите за финансиска помош на младата невработена Емилија Георгиев од Крива Паланка, мајка на две малолетни деца, која се бори со тежок вид канцер, помош пристигна и од Франција. На повикот за поддршка се одзваа бројни сограѓани на Емилија кои работат во француската престолнина во ГДР Компани, Париз.
Сакајќи да останат анонимни, а сепак да подадат рака во борбата против канцерот на билијарно стебло што Емилија ја води веќе подолго време, тие денес ја испратија собраната сума од околу 2.000 евра и истата ѝ беше врачена на Георгиев, лично, за да може непречено да продолжи со хемотерапијата и сите неопходни пропишани лекови од страна на лекарите, со надеж дека ќе ја победи подмолната болест.
И Емилија и нејзиното семејството упатијаа искрена благодарност до хуманите луѓе кои, како што рече, и влеваат надеж и и даваат поттик да истрае.
Инаку, вработените во ГДР Компани и одговорните лица редовно даваат поддршка на оние на кои им е потребна истата, поттикнати и од хуманитарецот, првиот човек на фирмата со речиси дводецениско постоење на територијата на Франција.
Во овој случај, интересно е да се истакне дека покрај паланчани, во финансиската донација свој прилог доставиле и добри, хумани луѓе од различни градови од земјава, како и лица од Србија, Молдавија, вработени во ГДР Компани.
Повикот за поддршка на Емилија беше објавен пред пет дена на повеќе портали и за кратко време апелот го споделија многу луѓе на социјалните мрежи. Собирни акции за прибирање финансиски средства за помош се реализираат во повеќе организации и институции во Крива Паланка, на иницијатива на хумани луѓе од општината.ид/
Фото: МИА