• вторник, 30 декември 2025

Хуманитарен базар и претстава во Кисела Вода во рамки на 16 дена активизам за достоинство и безбедност на жените

Хуманитарен базар и претстава во Кисела Вода во рамки на 16 дена активизам за достоинство и безбедност на жените

Скопје, 7 декември 2025 (МИА) - По повод глобалната кампања „16 дена активизам против насилство врз жени и девојчиња“, во  Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода беше изведена театарска претстава „Кротка“, а во фоајето  организиран хуманитарен базар на кој жителки на општината и членки на здруженија ги изложија своите рачни изработки. Како што соопшти Општината,  30 проценти од собраните средства ќе бидат донирани на жени кои се жртви на семејно насилство.

Општина Кисела Вода информира дека продолжува активно да ја промовира свеста за превенција, едукација и институционална поддршка преку културни и општествени настани што испраќаат силна и јасна општествена порака. Била избрана претставата „Кротка“ зашто преку умтнички израз  „отвора значајни прашања за положбата на жената, личната сила, достоинството и неопходноста од поддршка од заедницата и институциите“. 

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, по повод 16-те дена активизам истакнува дека тие се „потсетник дека како општество имаме постојана обврска да градиме систем во кој секоја жена и секое девојче се чувствуваат безбедно, почитувано и охрабрено“.

-Превенцијата и едукацијата мора да одат заедно со силна, достапна и функционална институционална поддршка. Културата, како што е оваа театарска претстава, има моќ да отвори дијалог, да допре до емоциите и да нè мотивира на заедничка одговорност и солидарност. Општина Кисела Вода останува посветена на создавање средина во која грижата, поддршката и почитта се темелни вредности и затоа и понатаму ќе вложуваме во активности, програми и партнерства кои ја зајакнуваат улогата на институциите, ја унапредуваат едукацијата и придонесуваат кон поголема свесност и поддршка за жените и девојчињата во нашето општество, изјави Стаменкоска-Трајкоска

Општина Кисела Вода соопшти дека е прва во Град Скопје што, како дел од сетот системски мерки, спроведе јавен повик за директна финансиска поддршка на жени погодени од семејно насилство, како што наведува, „со јасна определба континуирано да обезбедува помош и нивна поддршка“. хс/вг/

Фото: Општина Кисела Вода 

Остани поврзан