Хондурас бара од Интерпол да го уапси поранешниот претседател кој беше помилуван од Трамп
- Главниот обвинител на Хондурас денеска побара од Интерпол да издаде налог за апсење на поранешниот претседател на земјата, Хуан Орландо Ернандес, кој кон крајот на ноември беше помилуван од американскиот претседател Доналд Трамп, откако во САД беше осуден на 45 години затвор за трговија со дрога.
Тегусигалпа, 9 декември 2025 (МИА) - Главниот обвинител на Хондурас денеска побара од Интерпол да издаде налог за апсење на поранешниот претседател на земјата, Хуан Орландо Ернандез, кој кон крајот на ноември беше помилуван од американскиот претседател Доналд Трамп, откако во САД беше осуден на 45 години затвор за трговија со дрога.
„Го повикувам [...] Интерпол да ја спроведе меѓународната потерница против поранешниот претседател Хуан Орландо Ернандес, обвинет за перење пари и измама“, напиша главниот обвинител Хоел Антонио Селаја Алварес на социјалната мрежа Икс.
Поранешниот десничарски претседател, кој управуваше со земјата од 2014 до 2022 година, беше осуден во САД во 2024 година на 45 години затвор за трговија со дрога, откако беше екстрадиран од Хондурас.
Педесет и седумгодишниот Хуан Орландо Ернандез беше прогласен за виновен дека ги заштитувал шверцерите на дрога и дозволил испраќање на стотици тони кокаин кон САД.
Благодарение на помилувањето од Доналд Трамп, тој излезе од затвор на 1 декември и исклучи секаква можност за враќање во својата земја.
Оваа амнестија, како и поддршката што Трамп му ја даде на фаворитот на поранешниот шеф на државата, Насри Асфура, за претседателските избори на 30 ноември, ја натераа Либералната партија на претседателката во заминување Ксиомара Кастро да побара „целосно поништување“ на резултатите од изборите, со аргумент за мешање од страна на САД.
Одбележано со неколку прекини, пребројувањето на гласовите сѐ уште не е завршено. Прелиминарните резултати покажуваат дека Асфура има израмнети шанси со кандидатот на либералите Салвадор Насрала. ссм/
фото: ЕПА