Фосили пронајдени во Мароко - можни блиски предци на хомосапиенс
- Истражувачите велат дека фосилите - долните вилици на двајца возрасни и дете, како и заби, бутна коска и неколку прешлени - се пронајдени во пештерата Грот а Хоминид...
Казабланка, 14 јануари 2026 (МИА) - Фосилизирани коски и заби, стари речиси 773.000 години, откриени во пештера во Мароко, даваат подлабоко разбирање за потеклото на хомосапиенс во Африка претставувајќи ги остатоците од праисториските луѓе, кои можеби му биле блиски предци на нашиот вид.
Истражувачите велат дека фосилите - долните вилици на двајца возрасни и дете, како и заби, бутна коска и неколку прешлени - се пронајдени во пештерата Грот а Хоминид, во градот Казабланка. Пештерата, според наодите, веројатно служела како место за грабливи птици, а бутната коска носи траги од загриз, што укажува дека лицето било ловено и телото било раскинато од хиени. Според истражувачите, најверојатното толкување вели дека овие фосили се од еволуиран облик на човековиот вид хомоеректус, кој првпат се појавил пред речиси 1,9 милион години во Африка, а подоцна се проширил и на подрачјето на Евроазија.
Коските и забите покажуваат мешавина од примитивни и посовремени човечки одлики. Тие пополнуваат празнина во африканскиот фосилен запис на видови од човечката еволутивна лоза - таканаречените хоминини, од периодот пред речиси еден милион до 600.000 години.
Според истражувачите, фосилите можеби претставуваат африканска популација, која постоела непосредно пред еволутивното раздвојување на лозите, што довело до хомосапиенс во Африка и двата тесно поврзани хомининидни вида - неандерталците и денисовците, кои ја населувале Евроазија.
- Би бил претпазлив во врска со нивното означување како „последен заеднички предок“, но тие веројатно се многу блиски до популациите што подоцна доведоа до африканската лоза на хомосапиенс и евроазиските лози на неандерталците и денисовците - рече палеоантропологот Жан-Жак Иблен од Колеџот на Франција во Париз и Институтот „Макс Планк“ за еволутивна антропологија во Германија, главен автор на трудот објавен во списанието „Нејчр“ (Nature). Фосилите покажуваат мозаик од примитивни и изведени особини, што е во согласност со еволутивната диференцијација што веќе била во тек во тоа време, а во исто време го потврдува длабокото африканско потекло на лозата на хомосапиенс - додаде Иблен.
Најстарите досега познати фосили на хомосапиенс, стари приближно 315.000 години, се пронајдени и во Мароко, на археолошкото наоѓалиште Џебел Ирхуд.
Познавањето на староста на фосилите од пештерата Грот а Хоминид, утврдена од пештерските седименти што ги опкружуваат, им помогна на истражувачите да проценат каде се вклопува оваа популација во семејното дрво на човечката еволуција.
- Определувањето на староста беше клучно за толкување на овие наоди - додаде Иблен.
Според научникот, стотици камени артефакти и илјадници животински коски се откриени и во пештерата. Човечките фосили од пештерата се приближно исто толку стари како и фосилите од наоѓалиштето Гран Долина во близина на Атапуерка во Шпанија, кои е означени како човечкиот вид хомоантецесор. Фосилите, всушност, делат одредени карактеристики.
- Сличностите меѓу (наодите во) Гран Долина и пештерата Грот а Хоминид се интригантни и може да укажуваат на повремени врски преку Гибралтарскиот Проток - хипотеза што заслужува натамошно истражување - рече Иблен.
Хоминидите од овој период имале пропорции на телото слични на современите луѓе, но со помали мозоци. Долната вилица на дете од Грот а Хоминид, старо речиси една и година, е целосно зачувана, а другите долни вилици се речиси целосно или делумно зачувани. Се работи за возрасни маж и жена.
- Само бутната коска покажува јасни траги од активноста на месојадите - грицкање и траги од заби, што укажува на загриз од голем месојад. Сепак, пештерата првенствено била дувло на грабливки, а која хоминините ја користеле само повремено. Отсуството на траги од заби на долните вилици не значи дека другите делови од телото не биле изедени од хиени или други месојади - објасни Иблен.
Овие луѓе биле способни да ловат плен, но се движеле во опасни средини, па понекогаш и самите станувале плен бидејќи големи месојади, вклучувајќи големи мачки и хиени, се криеле во областа. си/ссм/
Фото: Фејбук.