Филипче: На Владата сега е да го одблокира процесот на евроинтеграции во разговори со новата Влада во Софија
- СДСМ во изминатите седум години како владеjачка партија направи се за да се тргне напред и да се надминат блокадите кои доаѓаа од надвор во процесот на евроинтеграцијата на земјата, кој што со децении тапкаше во место. Сега чекаме Владата да ги испорача ветувањата од пред изборите и час поскоро да започнат разговори со новата политичка Влада во Софија за одблокирање на патот кон ЕУ, изјави претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче.

Скопје, 4 февруари 2025 (МИА) - СДСМ во изминатите седум години како владеjачка партија направи се за да се тргне напред и да се надминат блокадите кои доаѓаа од надвор во процесот на евроинтеграцијата на земјата, кој што со децении тапкаше во место. Сега чекаме Владата да ги испорача ветувањата од пред изборите и час поскоро да започнат разговори со новата политичка Влада во Софија за одблокирање на патот кон ЕУ, изјави претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче.
-Ние како Влада, како владејачка партија во изминатите седум години направивме се за да процесот кој што многу долго време, со децении тапкаше во место поради блокади од надвор ги надминеме. Се направи Преспанскиот договор со кој што се реши проблемот со Грција благодарение на што станавме членка на НАТО. Понтаму со тие договори и декларации кои што поминаа во Собранието - т.н. Француски предлог, практично започна процесот на преговори со ЕУ и сега сме на прагот, после завршување на скринингот, да се започне отворањето по поглавја. Тоа е процес кој што сметам дека на граѓаните најпрво ќе им донесе многу подобар, поквалитетен живот, повеќе финансиски средства, повеќе европски вредности. Едноставно се тоа што со децении наназад го очекуваме и изминатите генерации се бореле, и сето тоа, за што сега децата, поради недостиг очигледно на тоа во земјава, заминуваат надвор. Во таа смисла СДСМ направи се што можеше, како што правело секогаш во изминатите 30 години земјата да ја турне напред. Ние сега чекаме Владата да ги испорача ветувањата од пред изборите дека ќе обезбедат подобра преговарачка позиција, дека ќе ја променат рамката и ќе го поддржиме кој било подобрен предлог што ќе дојде на маса, рече Филипче на новинарско прашање дали чувствува морална одговорност за стопирањето на процесот на пристапување кон ЕУ и дали ќе се обидат да имаат некакви разговори со бугарските политички лидери да ги намалат нивните очекувања.
Тој при тоа го повтори повикот за одржување собраниска седница на која сите парламенарни политички партии ќе разговараат за евроинтегративниот процес.
По изборот на новата Влада во Софија тој очекува власта, согласно дадените предизборни ветувања, да стапи во контакт со нив и да има средби и разговори за деблокирање на процесот, за кој се надева на помош од ЕУ и САД.
-Јас се надевам дека и ЕУ и САД како наш традиционален партнер ќе се вклучат во тој процес. Сметам дека Владата кажуваше и порано дека очекува да се формира политичка влада во Бугарија со која ќе разговараат. Очекувам откако се формираше таа политичка влада во Бугарија час поскоро да го започнат тој процес на разговори поради тоа што времето одминува, Албанија оди напред, Црна Гора оди напред ние сериозно заостануваме, рече Филипче на прашање од новинарите.
Тој денеска положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас во Скопје, каде се одбележа централното чествување по повод одбележувањето на 153 години од неговото раѓање. Филипче при тоа нагласи дека во борбата на нашиот најголем борец, револуционер и визионер Делчев се вградени сите социјалдемократски вредности
-Денеска го одбележуваме ликот и делото на нашиот најголем борец, револуционер и визионер Гоце Делчев. Во неговата борба се вградени сите социјалдемократски вредности. Тој се борел за слободна Македонија, демократска, во која што се гарантирани индивидуалните слободи на луѓето и правдата. Неговите мудри мисли се актуелни и релевантни и денес. Тој тргнал во борба повикувајќи ги сите луѓе без разлика на нивната етничка, национална или политичка припадност поради тоа што имале една цел, а тоа било слободна држава. Ние денеска треба да продолжиме во тој манир, да ги надминеме разликите кога станува збор за националните интереси и сите заедно да се бориме за уште попросперитетна и интегрирана во ЕУ Македонија, рече Филипче. вг/ац/
Фото: Принтскрин