• петок, 21 февруари 2025

Фаулер: УНРВА продолжува со работа во Источен Ерусалим и на Западниот брег и покрај забраната на Израел

Фаулер: УНРВА продолжува со работа во Источен Ерусалим и на Западниот брег и покрај забраната на Израел

Женева, 3 февруари 2025 (МИА)  - Агенцијата на ОН за помош и работа на палестинските бегалци (UNRWA) денеска соопшти дека се уште е оперативна, но дека ситуацијата е многу неизвесна поради забраната на Израел оваа агенција да работи на окупираниот Западен Брег и други места.

Портпаролот на агенцијата, Џонатан Фаулер, изјави дека клиниките и училиштата под нејзина јурисдикција продолжуваат да работат во Источен Ерусалим и окупираниот Западен Брег, и покрај забраната на Израел, јави Ал Џезира.

Фаулер додаде дека забраната „потенцијално создава огромни проблеми, наведувајќи го како пример неодамнешното уривање на неколку станбени згради во Џенин од страна на израелската армија“.

-Вообичаено ние знаевме дека доаѓа војската и можевме да се погрижиме учениците да бидат безбедни, но сега немаме можност за координација. Не сме известени однапред, така што секогаш постои ризик за населението што го опслужуваме, било да се пациенти или школски деца. Тие немаат пристап до здравствена алтернатива, рече Фаулер.

УНРВА претходно објави дека забраната на Израел го загрозува договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.

Минатата недела стапи на сила одлуката на израелските власти со која се забранува работата на ИНРВА на територијата на источен Ерусалим и Израел.

Израел ја обвини УНРВА дека е поврзана со Хамас во Појасот Газа, што организацијата го негира.

Девет вработени во УНРВА беа отпуштени поради нивната наводна вмешаност во нападите на 7 октомври 2023 година.

И покрај тоа што неколку земји го намалија финансирањето на организацијата, повеќето донатори, вклучително и Велика Британија, продолжија да обезбедуваат средства за Агенцијата.

Иако забраната официјално се однесува само на Источен Ерусалим, Израел дополнително ја прекина комуникацијата со УНРВА и ги укина визите за меѓународниот персонал, што ја отежнува работата на агенцијата во Газа и на Западниот Брег.

Речиси сите жители на Газа се потпираат токму на УНРВА за обезбедување на основните животни потреби.сд/

Остани поврзан