Утврдени можности за нови градежни инвестиции во Општина Битола
- Општина Битола ја утврди програмата за нови градежни инвестиции на државно земјиште што се наоѓа на територијата на општината.

Битола, 23 јануари 2025 (МИА) - Општина Битола ја утврди програмата за нови градежни инвестиции на државно земјиште што се наоѓа на територијата на општината.
Според програмата, менаџирањето со градежното земјиште вклучува отуѓување со јавно наддавање и непосредна спогодба, давање на земјиштето на долготраен и краткотраен закуп и размена на земјиштето.
-Во текот на оваа календарска година предмет на менаџирање ќе бидат градежните парцели што се наоѓаат на просторот на поранешната касарна АРМ, парцели во јужна индустриска зона Жабени, станбена населба Ушици, парцели во т.н. Градска работна зона што се наоѓа северно од патот Битола-Новаци, а парцели се нудат и за локалитетот Тумбе Кафе. Понудените парцели може да се откупат за изградба на индивидуални домови, станбени згради, трговски центри, државни институции, хотелски комплекс, објекти од областа на образованието и културата, како и парцели за објекти за производство и сервиси, информираа од Општина Битола.
Можности за нови градби согласно деталниот урбанистички план (ДУП) на градот има и надвор од населениот дел на градот за туристичката населба „Нижополе“ и граничен премин Меџитлија, а простор за изградба на винарии е обезбеден во катастарската област Лисолај.
-Програмата е донесена со цел да се обезбедат услови за социо-економски развој на општината преку обезбедување просторни услови за развој што ќе им овозможат на заинтересираните правни и физички лица изградба на сопствени простории за вршење на одедена дејност, а со тоа да придонесат за развојот на општината. Со новите градежни инвестиции ќе се обезбедат вработувања на невработени лица и обезбедување подобри услови за живеење, посочуваат од тамошната локална самоуправа.
Програмата ќе се реализира во два турнуси, а во првите шест месеци ќе бидат понудени парцелите за отуѓување по пат на јавно наддавање, потврдија од Општина Битола.мт/са/
Фото: МИА