• сабота, 22 февруари 2025

Украина ги отфрли обвинувањата на словачкиот лидер Фицо за мешање во антивладините протести

Украина ги отфрли обвинувањата на словачкиот лидер Фицо за мешање во антивладините протести

Киев, 1 февруари 2025 (МИА) - Украинската воена разузнавачка служба ХУР денеска ги отфрли наводите за вмешаност во масовните протести во Словачка против владата на премиерот Роберт Фицо, јави ДПА.

ХУР на својот канал на Телеграм објави дека наводите на словачките власти се лажни, предупредувајќи притоа за „непријателската пропаганда“.

Фицо вчера рече дека има докази дека мрежи со врски со Украина се обидуваат да ја дестабилизираат Словачка и да ја соборат неговата влада.

Тој обвини дека организаторите на последната серија масовни протести против владата во Братислава не биле тесно поврзани само со словачката опозиција, туку и со таканаречената Грузиска легија, волонтерска асоцијација на Грузијците кои се борат на страната на Украина против руската инвазија.

ХУР соопшти дека во нивните редови нема единица со името „Грузиска национална легија“, истовремено признавајќи дека во минатото имало контакт со Мамука Мамулашвили, кој во Словачка е осомничен дека стои зад протестите, пренесе германската агенција.

Мамулашвили ги отфрли обвинувањата како клевета за легијата што ја командува.

Во врска со Мамулашвили, ХУР рече: „Ова лице го раскина договорот со ХУР во Министерството за одбрана во април 2023 година и не го обнови“.

Меѓународната легија беше составена од војници од различни земји ангажирани на украинската страна, се додава во соопштението. „И, се разбира, не спроведува хибридни акции од каков било вид на територијата на државите на Европската унија“, се наведува во соопштението, додавајќи дека тоа ќе и наштети на Украина.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан