• сабота, 22 февруари 2025

Трет консултативен настан за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа

Трет консултативен настан за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа

Гостивар, 3 февруари 2025 (МИА) – Претпладнево во Гостивар започна третата консултативната средба помеѓу експертската јавност и претставниците на локалните самоуправи и невладиниот сектор.

Министерството за локална самоуправа преку дебати сака да овозможи активно вклучување на локалната самоуправа и невладините организации во процесот на подготовка на измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа.

Министерот Златко Перински напомена дека се прави закон којшто е системски и којшто почива на неколку постулати. Новото законско решение треба да ги зголеми транспарентноста и отчетноста на градоначалниците, поголема инклузивност во креирањето на политики и одлуки заедно со граѓаните, комуналната полиција или комуналниот надзор и четвртата ни е поголема отвореност во насока на креирањето на политиките од страна на градоначалниците.

- Приоритет во отворањето на овој закон е можноста за референдумско отповикување на градоначалникот. Тоа е важно, затоа што во моментов сме сведоци, за среќа на мал број градоначалници коишто девијантно се однесуваат и ја злоупотребуваат дадената доверба на граѓаните. Сметам дека сме на добар пат да креираме квалитетно и издржано законско решение коешто во периодот што следи ќе одговори и на потребите на самите локални самоуправи и на граѓаните, рече министерот Перински.

Тој појасни дека во делот на Законот за локална самоуправа, во членот 22 каде што се наведени изворните надлежности на локалните самоуправи е да се препознае комуналниот надзор, а потоа да се доуреди во Законот за комунални дејности што е под ингеренции на Министерството за транспорт и би се прошириле и зголемиле надлежностите на комуналниот надзор.

- Со оваа мерка, не само што ќе се исчисти сметот туку и ќе се зголеми свесноста кон јавното добро. Ние сме сведоци на, исто така, за среќа мал број девијантни однесувања коишто несоодветно постапуваат со урбаната опрема којашто градоначалниците ја поставуваат и издвојуваат значителни средства од своите буџети и сметаме дека овие девијантни појави ќе се спречат во иднина, рече министерот Перински.

Професорот по право Александар Спасеновски пред градоначалници од Полошкиот плански регион и претставници од невладини организации кажа дека на измените работи експертска група.

- Стартната позиција е дека Република Македонија изгради добар, одличен систем на локална самоуправа, чијшто значаен дел е локалната самоуправа кој во изминативе 20 години го положи тестот на времето. Ние навистина имаме добар закон за локална самоуправа, но во меѓувреме, како резултат на долготрајната примена, се појавуваат одредени слабости, кои бараат одредено адресирање, рече професорот Спасеновски.

Тој смета дека има определени аспекти коишто законодавецот не ги предвидел, како што е идејата за отповикување на градоначалник или пак, воведување на правна можност за формирање на комунална полиција.

Дебатите се дел од проектот „Зајакнување на општинските совети“, финансиран од Владата на Швајцарија и Министерството за локална самоуправа, а кофинансиран и имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, во соработка со други национални институции и ЕЛС. згм/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан