• среда, 10 декември 2025

Тајландски воени авиони извршија напади врз Камбоџа

Тајландски воени авиони извршија напади врз Камбоџа

Пном Пен, 10 декември 2025 (МИА) – Тајландски воени авиони денеска нападнаа цели во Камбоџа, јавија локалните медиуми.

Министерството за одбрана на Камбоџа соопшти дека тајландски авиони Ф-16 фрлиле две бомби врз села во провинцијата Минчи, на границата со Тајланд. Засега нема информации за евентуални жртви.

Претходно, Армијата на Тајланд соопшти дека презеде голема операција поради ескалација на судирите на границата со Камбоџа.

- На 10 декември, Кралската тајландска морнарица презеде проширени оперативни овластувања во својот сектор поради ескалацијата на непријателствата со Камбоџа, се наведува во соопштението.

Операцијата се нарекува „Трат го потиснува непријателот“, а воениот брод ХТМС Тепа (HTMS Thepa) е распореден во областа за да извршува 24-часовни патроли и извидувања.

Портпаролот на тајландското Министерство за одбрана, Сурасант Конгсири изјави дека поради тековните гранични судири со Камбоџа над 400.000 жители во седум провинции да се евакуираат.

Според тајландските медиуми, поради нови гранични судири меѓу Тајланд и Камбоџа, повеќе од 800 училишта и неколку болници се привремено затворени во пограничните покраини на Тајланд.

Борбите во пограничните области помеѓу двете земји ескалираа за време на викендот. Двете земји меѓусебно се обвинуваат за прекршување на прекинот на огнот и продолжуваат со нападите.

Според најновите извештаи, повеќе од 54.500 луѓе ги напуштиле своите домови во Камбоџа.

Околу шест недели по потпишувањето на мировен договор, Тајланд и Камбоџа вчера соопштија за тешки борби долж 800-километарската граница. Повеќе од 500.000 луѓе се евакуирани од пограничните области во Тајланд и во Камбоџа по обновените судири.

Двете страни меѓусебно се обвинуваат за продолжувањето на непријателствата, во кои, според најновите официјални податоци, загинаа најмалку 11 лица. Седум камбоџански цивили и четворица тајландски војници.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој посредуваше за примирјето постигнато на 26 октомври, синоќа најави дека планира да интервенира поради обновените судири на границата помеѓу Тајланд и Камбоџа.

Тој наведе дека е можно телефонски да разговара со лидерите на двете земји.

- Малкумина можат да се јават по телефон и да ја спречат војната помеѓу две многу моќни земји, Тајланд и Камбоџа, наведе Трамп при синоќешната посета на американската сојузна држава Пенсилванија. ми/ссм/

фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан