• четврток, 26 март 2026

Бугарија одби да екстрадира Русин осомничен за експлозијата во пристаништето во Бејрут

Бугарија одби да екстрадира Русин осомничен за експлозијата во пристаништето во Бејрут

Софија, 10 декември 2025 (МИА) – Суд во Бугарија денеска го одби барањето на Либан за екстрадиција на сопственикот на бродот кој се поврзува со причината за огромната експлозија во пристаништето во Бејрут во 2020 година – товарот со амониум нитрат.

Игор Гречушкин (48), кој има руско и кипарско државјанство, беше уапсен во Софија во септември по црвена потерница на Интерпол.

Либан побара од Бугарија да го екстрадира Гречушкин во врска со експлозијата од 4 август 2020 година, во која загинаа најмалку 218 лица, а беа повредени повеќе од 6.000.

Експлозијата уништи голема област во Бејрут и предизвика штета од милијарди долари.

- Судот го одби барањето на Либан за екстрадиција на Игор Гречушкин, пресудувајќи дека либанските власти не обезбедиле соодветни гаранции дека тој ќе биде заштитен од смртна казна, или дека таква казна нема да биде извршена, изјави неговата адвокатка Екатерина Димитрова, пренесе Бета.

Надзорниот обвинител во случајот, Ангел Канев, рече дека клучно прашање е дали биле дадени доволни гаранции дека нема да биде изречена смртна казна и дали тие гаранции доаѓаат од „надлежен орган“.

- Кога такви гаранции ќе даде либанскиот министер за правда, со дополнителни потврди од Врховниот суд и главниот обвинител, верувам дека тогаш ќе бидат исполнети условите за екстрадиција, рече тој.

Тој изјави дека Градскиот суд во Софија пресудил дека Гречушкин мора да остане во притвор и оти обвинителството ќе поднесе жалба до апелација на одбивањето на неговата екстрадиција. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан