Судски вештаци: Товарниот воз што се судри со патничкиот кај Темпи пред две години не пренесувал сомнителен товар
- Двајцата судски вештаци назначени од апелациониот истражител потврдиле дека се автентични трите нови видеа од безбедносни камери од товарниот воз кусо пред да се судри со патничкиот кај Темпи пред речиси две години, но и дека исклучуваат постоење на сомнителен товар, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 13 февруари 2025 (МИА) – Двајцата судски вештаци назначени од апелациониот истражител потврдиле дека се автентични трите нови видеа од безбедносни камери од товарниот воз кусо пред да се судри со патничкиот кај Темпи пред речиси две години, но и дека исклучуваат постоење на сомнителен товар, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Трите нови видеа беа објавени во изминатите денови во медиумите, откако адвокатот на компанијата за обезбедување и видеонадзор на железничката мрежа Василис Капернарос, две години подоцна, му ги достави на истражителот.
Како што пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, судските вештаци во нивните извешти, меѓу другото, наведуваат дека на товарниот воз не е прикажан друг товар освен пријавениот, па затоа исклучуваат постоење на сомнителен товар, но и потврдуваат дека видеата се оригинални.
Стручните мислења на вештаците, според истите информации, ќе им бидат доставени на адвокатите на роднините на жртвите.
Од друга страна, од Здружението на роднини на жртвите денеска поднесоа тужба против истражниот судија поради тоа што голем број докази не биле вклучиле во предметот за несреќата.
Поконкретно претседателката на Здружението Мариа Каристиану рече дека 649.000 аудио и видео записи од 28 февруари и 1 март 2023 година, односно на денот на несреќата и следниот ден биле запленети и предадени на судијата, но не биле вклучени во предметот.
Железничката несреќа кај месноста Темпи се случи на 28 февруари 2023 година и животот го загубија 57 лица, а за двегодишнината Синдикатот на вработените во приватниот сектор закажа генерален штрајк и се очекува низ цела Грција да се одржат протести. ср/ссм/