• петок, 21 февруари 2025

Стотици лица евекуирани во Австралија поради поплави

Стотици лица евекуирани во Австралија поради поплави

Сиднеј, 3 февруари 2025 (МИА) - Обилните дождови предизвикаа сериозни поплави во австралиската сојузна држава Квинсленд, при што најпогоден е регионот помеѓу Таунсвил и Кернс во североисточниот дел на земјата, јави ДПА.

Во Таунсвил за само три дена наврнало количество дожд еднакво на просечната шестмесечна норма. Неколку реки се излеале од коритата, а нивото на водата продолжува да расте.

Според службите за итни случаи, околу 400 лица се сместени во евакуациски центри. Метеоролошките експерти предупредија дека во наредните шест часа може да наврнат дополнителни 180 милиметри дожд.

Многу супермаркети се затворени поради поплави или недостапност, но властите уверуваат дека има доволно залихи на храна за најмалку шест недели.

Австралискиот премиер Ентони Албанизи изјави дека армијата е на терен и помага во итните мерки, додека Владата обезбедува финансиска помош за погодените. Се очекува врнежите да почнат да се намалуваат во следните 24 часа.

Во исто време, западниот дел на Австралија се соочува со екстремни горештини, што ја потенцира климатската диспропорција во земјата. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан