• среда, 10 декември 2025

Стартува проектот „Сајбер-безбедност за жените спортистки“

Стартува проектот „Сајбер-безбедност за жените спортистки“

Скопје, 10 декември 2025 (МИА) – Зачестеното сајбер-насилство, онлајн вознемирување, кражби на идентитети и дигитална експлоатација насочени кон младите жени во спортот, беа тема на дводневниот состанок во организација на Националната мрежа на спортски лидери што се одржа во Скопје како дел од проектот „Сајбер-безбедност за жените спортистки”.

Здруженија од Македонија, Србија, Естонија и Бугарија со експертиза од спортскиот и технолошкиот сектор се обединија во Еразмус спорт проектот што официјално започна со состанок на сите партнерски организации, на кој беа поставени темелите за една година исполнета со влијателна соработка чијшто координатор е Националната мрежа на спортски лидери.

-Проектот има за цел да ги опреми спортистките, тренерите и спортските организации со знаење, алатки и самодоверба за безбедно онлајн присуство. „Безбеден спорт" е иницијатива кофинансирана од Erasmus+Sport, посветена на справување со еден од најбрзо растечките предизвици во спортскиот сектор: дигиталната безбедност на жените спортистки. 

За време на иницијалниот состанок, партнерите ги претставија своите организациски профили, ги разгледаа целите, резултатите и временската рамка на проектот, усогласувајќи ги своите улоги за претстојните месеци, со детални презентации на планираните активности и задачи како: изработка на прирачник за сајбер-безбедност за интегрирање на дигиталната безбедност во спортското образование, обуки за тренери и едукатори за спроведување активности за сајбер-безбедност на локално ниво, социо-спортски сесии за повеќе од 300 млади спортистки за зајакнување на нивната дигитална отпорност и активности за подигнување на свеста за побезбедни дигитални средини во спортските заедници, информира Јован Камчев од Националната мрежа на спортски лидери.

Овие резултати се очекува да им помогнат на спортските организации да ја зајакнат својата способност да препознаат, спречат и адресираат онлајн закани, истовремено овозможувајќи им на младите спортистки самоуверено и безбедно да го користат дигиталниот простор.

-Со справување со клучните закани и усогласување со важни политики на ЕУ, вклучително и Директивата за борба против насилството врз жените (2024) и Директивата за сајбер-безбедност NIS2, „SAFE SPORT" има за цел дигиталната благосостојба да стане стандарден дел од безбедното спортско опкружување низ Европа. Почетокот на проектот означи старт на колаборативна мисија за обезбедување услови во кои секоја жена во спортот може да тренира, се натпреварува и комуницира без страв од дигитална штета, додава Камчев.

Партнерите продолжуваат со националните подготовки, планирање на курикулумот и развој на алатките, по што ќе започне имплементацијата на локалните активности во четирите партнерски земји, а деталите за проектот се достапни на веб страната https://safesportproject.org

ид/дма/

Фото: 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан