Средба на претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Филипче со в.д амбасадорот на Полска Бримора
- Пратеникот Венко Филипче, претседател на Националниот совет за евроинтеграции (НСЕИ) во македонското Собрание, оствари средба со вршителот на работите во Амбасадата на Република Полска, Мариуш Бриморa.

Скопје, 3 февруари 2025 (МИА) - Пратеникот Венко Филипче, претседател на Националниот совет за евроинтеграции (НСЕИ) во македонското Собрание, оствари средба со вршителот на работите во Амбасадата на Република Полска, Мариуш Бриморa.
Како што информира собраниската прес-служба, полското претседателство со Советот на Европската Унија, во првото пологодие од оваа година, било во фокусот на разговорите, при што, како еден од приоритетите, било посочено и проширувањето на Унијата и интеграцијата на земјите од Западен Балкан.
Соговорниците размениле искуства за процесите на евроинтеграција и за предизвиците за двете земји на тој пат, со оглед на влезот на Полска во ЕУ пред две децении, односно во истиот период кога нашата земја го доби кандидатскиот статус.
Во тој контекст, Филипче посочил дека долгото чекање за преминување во наредните фази од интеграцискиот процес за Северна Македонија, како и пречките на тој пат, резултираат со разочараност кај граѓаните и на пад на поддршката во однос на членството во ЕУ. Затоа, како што рекол, задача на политичките фактори е да бараат начини за надминување на препреките во насока на остварување на стратешките цели на државата.
На средбата биле разменети и мислења за придобивките за граѓаните од членството во ЕУ, како и за потребата од постојана промоција на тие вредности. сст/дма/
фото Собрание на РСМ