• петок, 05 декември 2025

Средба Гоцевски - Алтанџиев во Делчево: Ќе се подобруваат условите за работа на управните служби

Средба Гоцевски - Алтанџиев во Делчево: Ќе се подобруваат условите за работа на управните служби

Делчево, 11 ноември 2025 (МИА) – Во Општина Делчево денеска се одржа работна средба помеѓу градоначалникот Иван Гоцевски и помошник-министерот за внатрешни работи, Јован Алтанџиев. На средбата посебен акцент беше ставен на унапредување на соработката меѓу локалната самоуправа и МВР, како и на подобрување на условите за работа на управните служби и квалитетот на услугите за граѓаните.

Градоначалникот Гоцевски истакна дека заеднички приоритет е граѓаните полесно и побрзо да стигнуваат до своите документи, без долги редици и чекање.

– Како општина изразуваме подготвеност за заедничка реализација на активности со цел да се подобри секојдневието на граѓаните. Еден од приоритетите е реконструкцијата и санацијата на објектот каде се сместени управните служби во Делчево, кој е во сопственост на Општина Делчево. Објектот е во многу лоша состојба и условите за работа се меѓу најлошите во земјава. Очекувам Советот да донесе одлука со која објектот ќе се даде на трајно користење на МВР, за Министерството да може да започне со реконструкција во наредната година, изјави Гоцевски.

Тој им се заблагодари на помошник-министерот Алтанџиев и на министерот Панче Тошковски за поддршката и иницијативата, која, како што рече, ќе значи подобри услови за вработените и поефикасни административни услуги за граѓаните.

Помошник-министерот Алтанџиев посочи дека средбата е на иницијатива на градоначалникот Гоцевски и министерот Тошковски, со цел на терен да се согледа состојбата во управните служби во Делчево и Македонска Каменица.

– Состојбата е многу лоша, а вработените во Делчево имаат едни од најлошите услови за работа во Македонија. Заедно со градоначалникот постигнавме договор да се усогласиме околу начинот на реновирање на просториите, а можам да им ветам на граѓаните дека управните служби во Делчево ќе бидат меѓу првите што ќе бидат реновирани во 2026 година, изјави Алтанџиев. вс/мч/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан