• петок, 05 декември 2025

Состанок на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) во Атина – меѓу учесниците и министерката Божиновска

Состанок на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) во Атина – меѓу учесниците и министерката Божиновска

Атина, 6 ноември 2025 (МИА) – Енергетската безбедност и сигурност, инфраструктурни проекти и инвестициски можности, ќе бидат главните теми на состанокот на Шестото партнерство за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC), што денеска и утре се одржува во Атина, а меѓу учесниците е и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, јави дописничката на МИА од Атина.

Состанокот е во организација на Министерството за енергетика на САД, Министерството за животна средина и енергетика на Грција и Глобалниот енергетски центар на Атлантскиот совет, а е поделен во два дела: бизнис форум во текот на денешниот ден и министерски состанок утре.

Бизнис форумот ќе им даде можност на високи лидери од јавната и приватната индустрија да разговараат за енергетската безбедност и сигурност, како и за врската помеѓу енергијата и економската конкурентност.

Министерскиот состанок на P-TEC ќе ја истакне улогата на течниот природен гас во поддршката на европската конкурентност и раст, како и стратегиите за подобрување на поврзаноста и безбедноста на мрежата.

Energy security, infrastructure projects and investment opportunities will be the main topics at the sixth meeting of the Partnership for Transatlantic Energy Cooperation (P-TEC) taking place

Форумот денеска ќе го отвори американскиот секретар за енергетика Крис Рајт, заедно со грчкиот министер за енергетика Ставрос Папаставру, а ќе учествуваат и американскиот секретар за внатрешни работи, министри за енергетика, министри од грчката Влада, претставници на меѓународни институции и енергетски компании.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на состанокот учествува по официјална покана од секретарот за енергетика на Соединетите Американски Држави, Крис Рајт.

Во рамки на посетата на Атина, како што информираа од Министерството, Божиновска ќе има и средба со секретарот за енергетика на САД, на која ќе се разговара за можности за продлабочување на енергетската соработка, инвестиции во регионални енергетски коридори.

- Учеството на министерката Божиновска на овој форум е потврда за зголемениот интерес и позиционирање на Македонија во рамките на трансатлантските енергетски иницијативи, како и за континуираниот ангажман на Владата во насока на јакнење на енергетската стабилност, диверзификација на изворите и пристапот до нови технологии и инвестиции, соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

P-TEC е водечката платформа за министрите за енергетика и делегациите од Централна и Источна Европа да соработуваат со Министерството за енергетика на САД, други американски агенции и приватниот сектор за решавање на енергетските проблеми во Централна и Источна Европа.

Во иницијативата учествуваат САД, Европската Унија и 24 европски земји меѓу кои и нашата. ср/лв/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан