• петок, 21 февруари 2025

Со Меморандум официјализирана долгогодишната соработка меѓу Регулаторните комисии за енергетика на Северна Македонија и Грција

Со Меморандум официјализирана долгогодишната соработка меѓу Регулаторните комисии за енергетика на Северна Македонија и Грција

Атина, 11 февруари 2025 (МИА) – Постулати врз основа на кои ќе се унапреди функционирањето на националните и регионалните енергетски пазари, како и услугите за управување со вода и отпад, меѓу другото се дефинираат во Меморандумот за соработка што претпладнево во Атина го потпишаа Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Северна Македонија (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (РААЕИ), а двајцата претседатели изразија задоволство што е крунисана и официјализирана долгогодишната соработка, јави дописничката на МИА од Атина.

Меморандумот за соработка е во областите енергија, вода и отпади, а претседателот на РКЕ Марко Бислимоски истакна дека потпишувањето на меморандумот, протоколарно е свечен чин, но лично за нив како институција „има повеќе димензионално значење и се осврна на досегашната комуникација и соработка со грчката РААЕИ“.

- Со ова се формализира долгогодишната традиционална соработка со што поставуваме стандард во квалитетот на решенија, применувајќи регионален пристап кога е во прашање: конкурентен, безбеден и одржлив пазар на енергија, што ќе биде бенефит за граѓаните и индустријата на двете земји. Циклусите низ кои поминуваа нашите две земји политички е сосема различно од она искуство кое го имаме ние регулаторите. Малку се знае во јавноста дека заедно со грчкиот регулатор имаме изградено беспрекорна комуникација и доверба. Тоа првенствено е резултат на менталитетот на регулаторите кои посебно во време на пандемија и енергетска криза заедно бараа решенија за амортизација на ценовните шокови, истакна Бислимоски.

Паралелно изрази задоволство што оваа соработка „ќе се продлабочува и во секторите за регулација на вода и отпад“, а во делот на природниот гас и нафтените деривати „стоиме на располагање со сето наше знаење и искуство“.

Професорот Атанасиос Дагумас, претседателот на грчкото регулаторно тело посочи дека со потпишувањето на меморандумот ќе се зајакне регионалната експертиза во областите кои регулаторите ги регулираат.

- Имаме одлична и долготрајна соработка со Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Северна Македонија. Овој Меморандум е круната на нашата соработка и сега ќе претставува службена отскочна штица за размена на знаења и експертиза во три области: енергетика, комунален отпад и вода. Покрај тоа, воспоставувањето на стабилна регулаторна рамка во овие три области е наш приоритет, рече Дагумас

Дополнително нагласи дека со потпишувањето на овој Меморандум РААЕИ ја потенцира својата посветеност кон зацврстување на регионалната соработка на Балканот – „соработка што ќе придонесе кон регионален развој и ефективно справување со прашањата“ кои ги загрижуваат нив како регулатори. ср/нд/

Фото: РКЕ

Остани поврзан