• вторник, 06 јануари 2026

Снимка од „морско чудовиште“ направена од подморница го преплаши интернетот

Снимка од „морско чудовиште“ направена од подморница го преплаши интернетот

Лос Анџелес, 5 jaнуaри 2026 (МИА) - Додека многу луѓе го гледаат океанот како мирно и прекрасно место, видео од длабочините на морето откри глетка што на многумина „им ја смрзна крвта во вените“, потсетувајќи нè колку малку знаеме за светот под површината.

Подводното видео прикажува суштество коешто, наводно, изгледа како праисториско чудовиште... Со оглед на тоа што се истражени само околу пет отсто од светската морска шир, не е изненадување ако овие суштества што изгледаат како од кошмар или хорор-филм, се кријат во темнината... Ако страдате од таласофобија - силен страв од вода и морски пространства, следните сцени би можеле да бидат вознемирувачки.

На видеото, првично, не може јасно да се види што точно се случува, па големи облаци песок се издигаат од морското дно додека нешто масивно се движи - и тоа, близу подморницата. Бргу потоа, огромната глава на ајкула излегува од песокта, таа лови некое друго, помало морско суштество, па смирено лизгајќи се покрај прозорецот на подморницата.

„Ова е чудовиште! Таа е огромна!“, вели еден од екипажот на каналот „Океан-Икс“ (OceanX), додавајќи на шега дека ајкулата „може да изеде топ“, бидејќи е „поголема од оваа подморница“.

Снимката е направена за време на мисија организирана од Институтот на Кејп Елеутера, чии научници успешно поставија сателитска ознака на ајкулата којашто е женка. Благодарение на тоа, научниците знаат каде се наоѓа суштеството.

„Нашата цел беше ајкула од длабокото море со шест жабри... Овој древен вид е постар од повеќето диносауруси и е доминантен предатор на екосистемите во длабоко море“, појасни Институтот.

Овие ајкули можат да пораснат до шест метри во должина, а нивната тежина обично е околу 500 килограми. Поголемите единки можат да надминат еден тон.  си/сд/

Фото: Јутјуб

Остани поврзан