СЗО предлага помал буџет по повлекувањето на САД
- Отворајќи го годишниот состанок на извршниот одбор на агенцијата, генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус ја бранеше работата на агенцијата и неодамнешните реформи и го повтори повикот до САД да го преиспитаат своето излегување и да стапат во дијалог со СЗО за натамошни реформи.

Женева, 3 февруари 2025 (МИА) - Земјите-членки на Светската здравствена организација (СЗО) ќе разговараат за намалување на дел од нејзиниот буџет за 400 милиони долари, откако американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ги повлече САД, најголемиот донатор на СЗО, од агенцијата, се наведува во документот објавен денеска.
Отворајќи го годишниот состанок на извршниот одбор на агенцијата, генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус ја бранеше работата на агенцијата и неодамнешните реформи и го повтори повикот до САД да го преиспитаат своето излегување и да стапат во дијалог со СЗО за натамошни реформи.
-Би ги поздравиле предлозите од САД и од сите земји-членки за тоа како можеме подобро да ви служиме вам и на луѓето во светот, рече тој.
За намалувањето на буџетот ќе се разговара на состанокот во Женева од денеска до 11 февруари, а претставниците на земјите членки ќе разговараат и за финансирањето и работата на агенцијата за периодот од 2026 до 2027 година. Извршниот одбор предлага да се намали дел од буџетот за основните програми од предложените 5,3 на 4,9 милијарди долари, се наведува во документот.
Тоа е дел од поширок буџет од 7,5 милијарди долари за периодот 2026-2027 година, што беше првично предложен, а вклучува пари за искоренување на полио и решавање на кризи. Поради заминувањето на најголемиот финансиер, буџетот не можеше да се донесе „како и обично“, се наведува во документот.
САД се најголемиот донатор на СЗО меѓу земјите, со околу 18 отсто од вкупното финансирање. СЗО веќе одделно презеде некои чекори за намалување на трошоците по потегот на САД.
Меѓутоа, некои претставници на одборот сакаа да испратат порака дека СЗО ќе ја задржи својата стратешка насока и покрај предизвиците, се додава во документот. Тие 4,9 милијарди долари се приближно исто како и основниот програмски буџет за претходниот период од 2024 до 2025 година.
Трамп одлучи да ги повлече САД од СЗО на неговиот прв ден на функцијата пред две недели. Процесот ќе трае една година според американскиот закон.сд/
фото:МИА архива