СЗО: Инјекциите за слабеење не се доволни за решение за глобалната криза со дебелина
- Дебелината е една од најголемите здравствени предизвици во светот – повеќе од милијарда луѓе живеат со ова хронично заболување, кое води кон дополнителни состојби како дијабетес и рак. СЗО очекува бројката да се удвои до 2030 година.
Женева, 1 декември 2025 (МИА) – Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека инјекциите за слабеење, иако корисни, не можат сами да ја решат глобалната епидемија на дебелина.
- Да бидам јасен: медикаментите сами по себе нема да ја решат кризата со дебелината, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
СЗО ја одобри употребата на т.н. агонисти на GLP-1 рецепторот, но предупредува против претерано потпирање на нив. Насоките се однесуваат на активните состојки лираглутид, семаглутид и тирзепатид – кои се содржани во лековите Саксенда, Вегови и Мунџаро, што се користат за третман на дебелина.
Во водичот се наведува дека овие три активни состојки може да се користат за третман кај возрасни, но не и кај бремени жени. СЗО нагласува дека здравиот начин на живот мора да биде дел од секој третман.
- Клучно е што употребата на GLP-1 не ја заменува потребата од здрава исхрана и физичка активност, рече Тедрос.
Дебелината е една од најголемите здравствени предизвици во светот – повеќе од милијарда луѓе живеат со ова хронично заболување, кое води кон дополнителни состојби како дијабетес и рак. СЗО очекува бројката да се удвои до 2030 година.
Тедрос повика и на подобар пристап до овие лекови во сиромашни земји.
Активните состојки првично биле развиени за лекување дијабетес, а подоцна покажале значаен потенцијал за намалување на телесната тежина, бидејќи го намалуваат апетитот и го засилуваат чувството на ситост.
Сепак, многу прашања сè уште се отворени, вклучително и можни долгорочни ефекти, бидејќи лековите не се користат доволно долго за да се направи проценка, истакна СЗО. ссм/
фото: архива