• сабота, 10 јануари 2026

Сеул ги негира тврдењата на Пјонгјанг за дронови што летале во Северна Кореја

Сеул ги негира тврдењата на Пјонгјанг за дронови што летале во Северна Кореја

Сеул, 10 јануари 2026 (МИА) - Јужнокорејскиот министер за одбрана Ан Гју-бак денеска ги отфрли тврдењата на Северна Кореја дека дронови од Јужна Кореја летале во Северна Кореја во септември минатата година и претходно оваа недела, велејќи дека спорните дронови не биле модели што ги користела јужнокорејската војска.

Северна Кореја претходно го обвини Сеул за кршење на нејзиниот суверенитет со упади со дронови и предупреди дека Јужна Кореја треба да „плати висока цена“ за она што го нарече провокација, објавија јужнокорејските медиуми.

Јужнокорејскиот министер за одбрана Ан Гју-бак изјави дека тврдењата на Пјонгјанг се „апсолутно лажни“, истакнувајќи дека фотографиите од дронови објавени од Северна Кореја не биле модели во сопственост на јужнокорејската војска.

Министерот, исто така, предложи случајот да се истражи заедно со Северна Кореја.

Според изјавата на портпаролот на Генералштабот на Корејската народна армија, Северна Кореја тврдела дека јужнокорејските дронови двапати летале во Север, нарекувајќи го Сеул „најнепријателски“ противник.

Министерството за одбрана соопшти дека претседателот Ли Џе-мјунг наредил „темелна“ истрага, а надлежните агенции ги проверуваат деталите за случајот.

„Немаме намера да ја провоцираме Северна Кореја и ќе продолжиме да преземаме практични чекори и да работиме на намалување на тензиите и градење доверба“, рече заменик-министерот за одбрана на Јужна Кореја за национална одбрана, Ким Хонг-чол.

Јужнокорејската војска, исто така, соопшти дека не открила никакви дронови што летале во Северна Кореја на датумите на наводните летови. мс/

фото: Архива

Остани поврзан