• сабота, 16 мај 2026

Израелски извештај: Сексуалното насилство систематски и интегрален дел на активностите на Хамас од октомври 2023 година

Израелски извештај: Сексуалното насилство систематски и интегрален дел на активностите на Хамас од октомври 2023 година

Тел Авив, 12 мај 2026 (МИА) – Сексуалното насилство било „систематски и интегрален дел“ на нападот и во натамошниот третман на заложниците во активностите на Хамас во октомври 2023 година, се наведува во Извештај изготвен од независна израелска комисија. 

Израелската Цивилна комисија за злосторствата од 7 октомври во обемен документ на околу 300 страници наведува дека постоеле сериозни форми на злоупотреба на жени и деца, меѓу кои силувања, групни силувања, сексуална тортура, принудно соблекување и осакатување. Комисијата тврди дека такви дејствија се случувале на повеќе локации и во различни фази од нападот.

Во извештајот уште се посочува дека биле идентификувани 13 повторувачки обрасци на злоупотреба, како и дека дел од злосторствата биле снимани и дистрибуирани преку Интернет.

Според извештајот, доказите се базираат врз сведоштва на преживеани, видео и фотографски материјали, форензички анализи и геолокациски податоци. Комисијата тврди дека материјалите биле проверувани и вкрстено анализирани во текот на повеќегодишната работа.

Израелската страна наведува дека нападот на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1.200 и киднапирани над 250 лица, бил „невиден терористички напад“. Еврејската држава на нападот одговори со воена офанзива врз Газа, што доведе до продолжен конфликт и тешка хуманитарна криза.

Хамас ги отфрла наводите за сексуално насилство за време на нападот. аб/сд

фото/МИА архива

Остани поврзан