Се санира оштетената патна инфраструктура во Берово
- Општина Берово започна со активности за крпење на ударни дупки и санација на прокопи на повеќе локации на територијата на општината, со цел подобрување на состојбата на локалната патна инфраструктура и зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Берово, 16 декември 2025 (МИА) - Општина Берово започна со активности за крпење на ударни дупки и санација на прокопи на повеќе локации на територијата на општината, со цел подобрување на состојбата на локалната патна инфраструктура и зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Како што информираат од општината, станува збор за зафати со кои ќе се санираат оштетувањата на коловозите на улиците, настанати поради неповолните временски услови и секојдневната сообраќајна фреквенција.
Со реализацијата на проектот ќе бидат опфатени вкупно 516 квадратни метри оштетен коловоз на повеќе критични точки во градот и населените места.
Вредноста на договорот за изведба на работите изнесува 998.563 денари, а средствата се целосно обезбедени од Буџетот на Општина Берово. Надлежните посочуваат дека активностите се одвиваат согласно утврдената динамика и дека се очекува нивно навремено завршување.
-Со овие активности продолжуваме со континуирано одржување и унапредување на локалната патна мрежа. Наш приоритет е безбедноста на граѓаните и подобрување на условите за сообраќај, особено на делниците каде што беа евидентирани поголеми оштетувања, информираат од Општина Берово.
Градоначалникот Петар Ружински упати апел до граѓаните и возачите за разбирање, трпение и внимателно учество во сообраќајот за време на изведбата на работите, нагласувајќи дека станува збор за привремени активности кои носат долгорочни придобивки за заедницата. вс/вј/
Фото: МИА