• недела, 23 февруари 2025

Реконструирана првата фасада со финансиска поддршка од Општина Кисела Вода

Реконструирана првата фасада со финансиска поддршка од Општина Кисела Вода

Скопје, 22 февруари 2025 (МИА) - Во населбата Цветан Димов, на улицата „Марко Цепенков“ бр. 4, влез 1, успешно е завршена првата реконструкција на фасада на станбена зграда со финансиска поддршка од Општина Кисела Вода.

Како што информира Општина Кисела Вода, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска се сретна со станарите, кои преку овој проект добија значително подобрување на условите за домување и зголемена енергетска ефикасност.

Се работи за жители на општината кои, како што се наведува, успешно аплицираа на јавниот повик за набавка на термоизолациски материјали за реконструкција на фасади на станбени згради за колективно домување на територија на Општина Кисела Вода. Финансиските средства за овој проект во висина од 277.612 денари беа обезбедени од Буџетот на Општина Кисела Вода.

-Оваа иницијатива е дел од нашата посветеност кон подобрување на животниот стандард на граѓаните и унапредување на енергетската ефикасност во колективното домување. Свесни сме дека добрата термоизолација не само што ги намалува трошоците за енергија, туку и значително придонесува за поквалитетен живот на станарите. Овој проект е само почеток, а нашата намера е да продолжиме со поддршка за што повеќе згради во иднина. Ги охрабрувам сите заедници на сопственици и управители на згради да аплицираат на ваквите повици и да ја искористат можноста за подобрување на своите домови, истакна Ѓорѓиевски.

Општина Кисела Вода продолжува со своите активности за поддршка на колективното домување и зголемување на енергетската ефикасност. Според условите на јавниот повик, за оваа субвенција можеа да аплицираат заедници на сопственици или управители на станбени згради изградени пред 2010 година. мд/дма/

Фото: Општина Кисела Вода 

Остани поврзан