Реакција на наставници по предметите Социологија и Граѓанско образование на нацрт-концепцијата за гимназиско образование
- СООПШТЕНИЕ - Реакција на наставници по предметите Социологија и Граѓанско образование на нацрт-концепцијата за гимназиско образование

31 јануари 2025
ОТВОРЕНО ПИСМО
до министерката за образование и наука Проф. д-р Весна Јаневска
од наставниот кадар во средните училишта по предметите
СОЦИОЛОГИЈА и ГРАЃАНСКО ОБРАЗОВАНИЕ
Почитувана!
Долг временски период сме сведоци на низа турбуленции во образованието и во едно не така далечно време слободно може да речеме на спроведување реформски процеси кои ги поткопаа темелите на основното образование при тоа нанесувајќи сериозни последици врз есенцијалните потреби и процеси на воспитно-образовниот процес во основното образование. Денес за жал на наше големо разочарување повторно сме сведоци на една нова предлог Концепција за реформирање на средното гимназиско образование во која социологијата и општествените науки се во сенка, сместени и позиционирани во меѓите на заборавот што само по себе води кон намалување на квалитетот на гимназиското образование. Токму ваквите тенденции се повод за оваа наша реакција.
Бевме ентузијасти и полни со верба во изминатиот период период во кој имавме искра надеж, период во кој мислевме дека на еден сериозен и систематски начин преку детални анализи ќе се започне со реформирање на средното гимназиско образование. Ентузијазмот и вербата за жал се срушени затоа што наидуваме на концепција во која третманот на социологијата и општествените науки се доведени на маргините на образовниот процес. Разочарувањето е дополнително поголемо поради фактот дека и понатаму остануваат непознати за јавноста креаторите на оваа реформа кои се кријат од целата фела, а тоа отвора сомнеж дека повторно станува збор за реформски процеси кои се однапред поготвени и сервирани пред Вас преку инфилтрирање на одредени структури кои имаат одредени лични интереси и овој поразителен концепт за „реформирање на средното гимназиско образование“ Ви го претставуваат како врвно дело на човековиот ум.
Со должна почит, анализирајќи ги внимателно амбициозните цели на предложената Концепција за средното гимназиско образование прекриени со превезот на таинственоста од една страна наспроти реалните потреби на учениците од друга страна, а со цел усогласување на знаењата со кои треба да се стекнат учениците во гимназиското образование со потребите и промените кои настануваат во современите општества очигледно се забележува инспирација да се маргинализира социологијата и другите општествени науки.
Почитувана, сосема избрзана одлука тенденциозна или поради невнимание, најверојатно без да ги анализирате и согледате податоците од полагањето на државната матура во средното гимназиско образование каде што сосема јасно доколку сакате секако ќе видите дека предметот социологија е еден од најчесто избираните предмети при изработка на матурските проектни задачи и предмет кој учениците го избираат како интерен при полагањето на предметите во рамки на државната и училишната матура согласно постоечките нормативи за државна и училишна матура со кои учениците го заокружуваат своето средно образование. Секако за ова би требало сериозно да поразговарате со „експертите“ кои ја креираа и кумуваа на оваа концепција. Искрено би сакале да знаеме кои се тие „врвни експерти“ кои имаат улога на џелати за општествените науки и социологијата и Ви имаат за жал сервирано една сосема поинаква слика од реалната.
Предметот социологија во овој момент е задолжителен во втора година на гимназиското образование и изборен предмет во трета и четврта година во општественохуманистичките подрачја. Согласно постоечката концепција учениците кои имаат посебен интерес за општествените науки поконкретно преку социологијата сосема детално се запознаваат со сите значајни аспекти на општествениот живот, структурата на општеството, неговата организација, културата, почитувањето на религиските разлики,
негувањето на семејните вредности, мулиткултурализмот и унапредувањето на меѓуетничкиот соживот кој насушно ни е потребен, со што практично социологијата станува моќна алатка за градење на критичко размислување кое понатаму како идни студенти и академски граѓани дополнително ќе го развиваат.
Согласно новата Концепција на учениците ќе им биде повторно за жал скратена една од фундаменталните придобивки од изучувањето на социологијата како задолжителен предмет. Така, наместо да создаваме генерации кои ќе придонесуваат во градењето на здраво општество, ќе создаваме генерации кои ќе бидат неми сведоци, дезориентирани и без свест за значењето на општеството, општествените процеси и односи како и без изградена свест за севкупното општествено битисување.
Без социолошко поврзување на индивидуалните искуства со општествените сили и процеси, траумите на поединците ќе се зголемуваат и ќе кулминираат во поголеми изливи на фрустрации, и однесување спротивно на општествените норми. Затоа, сметаме дека задржувањето и поттикнувањето на натамошниот развој на социологијата со статус на задолжителен предмет во гимназиското образование е од суштинско значење и има насушна потреба за личниот, но и за општествениот развој на учениците.
Покрај почитувањето на законски утврдените цели и задачи на средното образование, Концепцијата за гимназиското образование треба да се води и од начелото за еднаква вредност и значење на природните, општествените и хуманистичките науки. Секоја од овие области има клучна улога во личниот развој на ученикот, како и во формирањето на неговиот колективен идентитет и општествена одговорност. Во таа насока, Институтот за социологија при Филозофскиот факултет заедно со нас како наставен кадар предлага социологијата и другите општествени и хуманистички знаења и науки да бидат третирани на ист начин како природните науки. Во таа насока предлагаме:
1. Внесување на социологијата во групата задолжителни предмети во втора година со ист фонд на часови како досега (2 неделно).
2. Враќање на стариот норматив за граѓанско образование, во кој предност имаа социолозите, па потоа филозофите и историчарите.
3. Во изборните предмети за продлабочено изучување предлагаме да бидат внесени дел од посебните социолошки дисциплини, меѓу кои како соодветни за концепцијата ги сметаме: социологија на културата, социологија на глобализација, социологија на религијата, социологија на младината, социологија на масмедиумите и социјалните медиуми. Оваа пракса е веќе успешно развиена во земји како што се Хрватска и Словенија, каде овие предмети се дел од изборните предмети во третата и четвртата година гимназиско образование. Внесувањето на овие дисциплини како изборни предмети за продлабочено изучување ќе им овозможи на учениците по нивни избор да стекнат продлабочено и критичко запознавање за теми значајни за разбирањето на современите општествени и глобални процеси и ќе ги подготви за понатамошни студии или професионална работа во различни области.
4. Интеграција на социолозите во рамките на стручните служби како стручни соработници, заедно со педагозите, психолозите и дефектолозите, особено таму каде што има само еден стручен соработник.
Со должна почит се надеваме дека сериозно ќе ја преиспитате Вашата одлука и ќе покажете подготвеност и во иднина учениците од средното гимназиско образование да имаат можност преку социологијата како редовен предмет да ја развиваат свеста за општеството и да го унапредуваат критичкото мислење.
Однапред Ви благодариме!
- Драган Попоски – СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“ /
СУГС Гимназија „Орце Николов“ / СУГС „Кочо Рацин“
2. Елена Ташева – СУГС „Браќа Миладиновци“ / СУГС „Георги Димитров“ /
СУГС „Марија Кири-Склодовска“
3. Цеца Ѓорѓиева – СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“
4. Елеонора Стефановска – СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“
5. Татјана Димитровска – ОСУ „Ацо Русковски“ (Берово)
6. Александра Серафимовска – СУГС „Кочо Рацин“
7. Анета Саздевска – СУГС Гимназија „Орце Николов“
8. Љубица Невеселова – СОУ „Гоце Делчев“ (Валандово)
9. Јадранка Здравкова – СОУ „Ванчо Прке“ (Виница)
10. Борка Дончева – СОУ „Јане Сандански“ (Струмица)
11. Надица Таневска Јанева – СУГС „Георги Димитров“
12. Анџела Пешиќ – СУГС Гимназија „Панче Арсовски“ /
СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“
13. Валентина Панџарова – СУГС Гимназија „Никола Карев“
14. Сунчица Белинска – АСУЦ „Боро Петрушевски“ (Скопје)
15. Ирена Никова – СОУ „Јосиф Јосифовски“ (Гевгелија)
16. Весна Стефановска – СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“
17. Емилија Симоновска – СУГС Гимназија „Никола Карев“
18. Јулија Младенова – СОУ „Јане Сандански“ (Струмица)
19. Весна Димитровска – СОУ„Методи Митевски Брицо“ (Делчево)
20. Ирена Гочевска – СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ (Скопје)
21. Дијана Стојановска – СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ (Скопје)
22. Валентина Јакимовска – СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ (Скопје)
23. Лидија Антевска – Гимназија „Гоце Делчев“ (Куманово)
24. Елизабета Трајковска – Гимназија „Гоце Делчев“ (Куманово)
25. Марјан Митевски – Гимназија „Гоце Делчев“ (Куманово)
26. Зоран Старковски – ОСУ „Климент Охридски“ (Охрид)
27. Никола Стојаноски – СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“ (Скопје)
28. Рената Арнаудова – ОСУ „Св. Климент Охридски“ (Охрид)
29. Васка Лазарова – СОУ „Ванчо Прке“ (Виница)
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.