• петок, 21 февруари 2025

Нова јапонска помош од близу 115 илјади евра за Здравствeниот дом во Вевчани и ОУ „Св. Климент Охридски“ од Битола

Нова јапонска помош од близу 115 илјади евра за Здравствeниот дом во Вевчани и ОУ „Св. Климент Охридски“ од Битола

Скопје, 21 февруари 2025 (МИА) - Два нови договора за грант во рамките на GGP - Програмата за мали грантови за основни човекови потреби и човекова безбедност, во вредност од 114,970 евра, денеска беа потпишани од јапонската амбасадорка во земјава Сецуко Кавахара и претставниците на институциите приматели - ЈЗУ Здравствен Дом Вевчани и ОУ „Св. Климент Охридски“ од Битола.

На церемонијата на потпишување на договорите што се одржа во просториите на Амбасадата на Јапонија во Скопје, амбасадорката Кавахара истакна дека преку оваа помош дополнително се зајакнува пријателството меѓу двете како и јапонската посветеност да го поддржи подобрувањето на здравстевниот и образовниот систем во земјава. Со овие грантови Здравствен Дом Вевчани ќе добие  компјутерски радиографски систем, а на битолското ОУ „Св. Климент Охридски“  ќе биде реконструиран покривот.

- Среќни сме што ќе придонесеме за подобрување на здравствените услуги за граѓаните и образовната средина за децата во училиштата. Во рамки на иницијативата за соработка за Западен Балкан Јапонија е силно посветена да ги поддржи економските и социјалните случувања во Северна Македонија и влегувањето на земјата во ЕУ, истакна јапонската амбасадорка Кавахара.

Од име на двете институции договорите ги потпишаа директорката на Здравствен дом Вевчани Рената Пешиноска и Предраг Созовски директор на ОУ „Св. Климент Охридски“, кои се заблагодарија за помошта потенцирајќи дека и за двете инститиции ова е втор пат да се приматели на јапонска помош.

Пешиноска истакна дека како здравствена установа се даватели на услуги на околу 25 000 граѓани од општина Вевчани и дел од општина Струга со лоцирани здравствени пунктови во повеќе места, а специјалистичко-консултативните услуги ги користат и граѓани на околните општини: Дебар, Маврово, Ростуше, Центар Жупа, Охрид, Ресен, Кичево и Македонски Брод.

- Оваа опрема ќе ни помогне да ги дигитализираме некои од уредите кои се донација од Јапонскиот народ во 2007 година. Денес, уште еднаш благодарение на великодушноста на Јапонскиот народ, овој проект ќе овозможи навремена и точна дијагностика, што значително ќе ги подобри здравствените услуги и безбедноста на пациентите и членовите на персоналот. Дополнително, со помош на новата дигитализирана опрема поголем број пациенти ќе можат навреме да закажуваат прегледи, рече Пешиноска,

Според Созовски, со овој втор добиен грант и по висината на одобрените средства, покрај РСМ, Јапонија преставува најголемиот поддржувач и помагач во реализацијата на воспитно - образовниот процес во нивното училиште.

- Оваа донација ќе овозможи подобри услови за реализација на наставниот процес правејќи го нашето училиште по безгрижна и по безбедна училишна средина, рече Созовски.

Од 1996 година преку GGP Програмата, Јапонија има поддржано 186 проекти во областа на здравство, образование и животна средина, кои се успешно спроведени со институциите приматели на помошта. Вредноста на досегашната јапонска помош за Северна Македонија изнесува над 9,4 милиони евра. вг/са/

Фото: МИА

Остани поврзан