• петок, 05 декември 2025

Работна средба помеѓу Општина Берово и Општина Гоце Делчев

Работна средба помеѓу Општина Берово и Општина Гоце Делчев

Берово, 12 ноември 2025 (МИА) – Во просториите на Општина Берово денеска се одржа работна средба помеѓу градоначалникот на Општина Берово, Петар Ружински, и делегација од Општина Гоце Делчев, Република Бугарија, предводена од градоначалникот Владимир Москов. Средбата се реализираше во присуство на претседателот на Здружението на пензионери, Гоце Здравковски, и советникот од Бирото за развој на образованието, Зоран Мазновски.

Градоначалникот Ружински изрази благодарност за посетата, истакнувајќи дека слушнал само позитивни зборови за својот колега Москов, додавајќи дека неговото триесетгодишно искуство и постигнатите резултати се пример од кој многу може да се научи.

Во пријателска атмосфера, двајцата градоначалници разговараа за можности за продлабочување на соработката во областа на културата, туризмот, образованието, социјалната и детската заштита, како и за размена на идеи и искуства меѓу бизнис секторите од двете страни на границата.

Во делегацијата од Гоце Делчев присуствуваше и Марјана Костадинова, долгогодишен директор на детската градинка „Џани Родари“, со која Општина Берово во 2015 година реализираше заеднички проект „Зелена иднина за нашите деца“, насочен кон подобрување на енергетската ефикасност.

На крајот од средбата, двете страни изразија подготвеност за продолжување и унапредување на пријателските односи, преку размена на добри практики и реализација на заеднички активности и идни проекти од заемен интерес.

Општина Гоце Делчев, од Република Бугарија, има околу 35.000 жители и 10 населени места, со богата културна традиција и развиен економски живот. вс/вј/ 

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан