• сабота, 22 февруари 2025

Пчеларите од Делчево ја подготвуваат третата Пчеларска вечер

Пчеларите од Делчево ја подготвуваат третата Пчеларска вечер

Делчево, 16 февруари 2025 (МИА) - Пчеларите од Пијанец се подготвуваат за одбележувањето на денот посветен на заштитникот на пчеларите - Св. Харалампиј. 

Како што информираше Јованчо Медарски, претседател на здружението „Пијанечка пчела 2", настанот ќе се организира трета година по ред, со цел размена на предлози и идеи за популаризација на пијанечкиот мед, меѓу кои и претставување на иницијативата за организирање Денови на пијанечкиот мед.

-Се работи за манифестација која би сакале да се вклопи во општинските програми,  затоа што медот е производ кој треба што повеќе да се користи и како храна и како лек. Планот е прво да започнеме со  образованието, значи да почнеме преку едукација да го промовираме пијанечкиот мед. Во иднина ќе имаме и дополнителни активности, за што јавноста дополнително ќе биде известена, изјави Медарски.

Во рамки на Пчеларската вечер, додава тој, ќе се разговара и за новите предизвици во пчеларството.

-Со одминувањето на зимата отпочнува сезоната на работа кај пчелите, каде што присуството на пчеларите ќе биде потребно од повеќе причини. Нов паразит се појавува на југот на Русија и во Грузија и е блиску до границите со Романија и Бугарија. Во тој поглед во иднина ќе ни треба поголем ангажман и користење на стручното мислење на наши колеги од земјоделски факултет од областа на пчеларството, посочи  Медарски.

Пчеларската вечер на Св.Харалампиј во Делчево ќе се одржи третпат, а од здружението „Пијанечка пчела 2" очекуваат настанот да прерасне во традиција. вс/хс/

Фото: МИА / МИА архива 

Остани поврзан