Промовирани книгите „Посланија и беседи“ од архиепископот Доситеј и „Таков архиереј ни требаше“
Скопје, 10 декември 2025 (МИА) - Во Музејот на националната борба за самостојност денеска се одржа промоција на книгите: „Посланија и беседи“ од Архиепископ Доситеј и „Таков Архиереј ни требаше – зборник на трудови во чест на Архиепископот Доситеј“.

Промотори на книгите беа архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан и митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј.

Книгите се во издание на Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, а се објавени по повод стогодишнината од замонашувањето на блаженоупокоениот Возобновител на нашата Света Црква.
На свеченоста настапи свештеничкиот хор на Скопската епархија.

Архиепископот Доситеј (7 декември 1906 - 20 мај 1981) е прв поглавар на возобновената Охридска архиепископија во името на Македонската православна црква.

На црковно-народниот собор во Охрид во 1958, кога се возобновува Охридската архиепископија како Македонска православна црква, е избран за прв поглавар, востоличен во архиерејскиот трон на св. Климент со титула Архиепископ Охридски и Скопски и прв митрополит Македонски. Под негово раководство на црковно - народен собир во 1967 година, МПЦ е прогласена за автокефална. лв/паг/
Фото: МПЦ ОА