• петок, 05 декември 2025

Признание за Црвен крст Крива Паланка за надминат план за крводарителство

Признание за Црвен крст Крива Паланка за надминат план за крводарителство

Крива Паланка, 9 ноември 2025 (МИА) - Црвен крст на Македонија, општинска организација Крива Паланка, доби признание за успешна реализација, исполнет и надминат план за крводарителство во 2024 година. Признанието беше врачено на свеченост во организација на републичкиот Црвен крст.

-Признанието е симбол на посветеност, одговорност и човечност, доказ дека нашата мисија за хуманост и несебичен придонес во општеството, во грижата за секој поединец и придонес кон општото добро е наш примарен фокус. Остануваме посветени на таа цел, што се потврдува и годинава, кога нашата општинска организација редовно, во континуитет, го исполнува и надминува проектираниот план за собирање крвни единици на годишно ниво, така што и оваа година, работејќи посветено, повторно сме вброени во најуспешните во државата во исполнувањето на годишниот крводарителски план, информираше Маја Илиевска, секретар на ОО Црвен крст Крива Паланка.

За тековната 2025 година, од планираните 15 крводарителски акции за подрачјето на Општина Крива Паланка и Ранковце, 13 се успешно реализирани, во соработка со Институтот за трансфузиона медицина - Скопје.

-До крајот на годината останува да се спроведат уште две акции, една во соработка со средното општинско училиште „Ѓорче Петров" од Крива Паланка и една со граѓанството. Од планираните 624 крвни единици, досега на 13-те акции се собрани 935, така што и годинава со исклучително висок процент  повторно се надминува годишниот план. Овој успех им припаѓа на сите доброволни, хумани, храбри и несебични дарители, што ја чуваат традицијата на дарување крв и што докажуваат дека хуманоста навистина нема граници, додаде Илиевска.

Според неа, признанието е поттик да се продолжи со иста енергија и ентузијазам, и да се инспирираат нови крводарители.

Инаку, ОО Црвен крст Крива Паланка тековно реализира едукативни еко-обуки за учениците од основните училишта во градот, од прво, второ и трето одделение, каде волонтери од клубот на младите, заедно со најмладите од ООУ „Илинден", ООУ  „Св.Јоаким Крчовски" креира еко изработки за подигнување на свеста за важноста на одржливоста и екологијата. ид/хс/

Фото: Црвен крст Крива Паланка 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан