Претстојниот период активности за консолидирање на „Твоја Македонија“, во меѓувреме и разговори со Вреди и ЗНАМ за соработка за престојните избори, најави Мицкоски
- ВМРО-ДПМНЕ во моментов работи на мобилизирање во сопствените внатрешни структури, се одржуваат состаноци со општинските комитети, вчера имало состанок со тој во Карпош, денеска во Ѓорѓе Петров, утре во Кисела Вода...Овој месец се планирани средби со поширскиот партиски состав, месните комитети, координатори на избирачки места, унија на жени, на млади. Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски денеска на брифинг со новинари она што го прават од овој месец па натаму во пресрет на локалните избори наесен е пред се консолидирање на коалицијата „Твоја Македонија“.

Скопје, 6 февруари 2025 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ во моментов работи на мобилизирање во сопствените внатрешни структури, се одржуваат состаноци со општинските комитети, вчера имало состанок со тој во Карпош, денеска во Ѓорѓе Петров, утре во Кисела Вода... Овој месец се планирани средби со поширскиот партиски состав, месните комитети, координатори на избирачки места, унија на жени, на млади. Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски денеска на брифинг со новинари она што го прават од овој месец па натаму во пресрет на локалните избори наесен е пред се консолидирање на коалицијата „Твоја Македонија“.
Тој одговарајќи на новинарско прашање за коалицирање со Вреди за престојните локални избори, истакна дека очекува процес на консолидација на коалицијата “Твоја Македонија“ да заврши до април или мај, а како што најави во меѓувреме ќе разговараат и со нивните партнери во Владата, Вреди и ЗНАМ за соработката на престојните локални избори.
Тој и пред два дена на прес-конференцијата во Владата со министертот за локална самоуправа Златко Перински посветена на вториот повик за финансирање проекти на општините се осврна на прашањето за поддршката на кандидатите на Вреди на изборите и за евентуална коалиција, при што одговори дека нема конечна одлука и оти во наредните седум месеци до стартот на кампањата ќе разговараат со коалициските партнери во Владата, но дека „природен след на настаните“ е „соработката на централно ниво да се преслика на соработка на локално ниво“.
-Природно е Владата вака како што функционира, а функционира со исклучителна кохезија, да продолжи да функционира и во избори и надвор од изборни процеси. Нечесно е политика на двојни стандарди – да имате заедничка платформа и програма и така функционирате, а на Локални избори да препознаете друга платформа или политика, додаде Мицкоски.
Најголемиот дел од имињата за кандидати за градоначалници на коалицијата „Твоја Македонија“ треба да бидат познати во втората половина на мај, првата половина на јуни.
Ова очекување Мицкоски го изрази на прес-конференцијата во вторникот, при што напомена дека општинските комитети и коалициските партнери во рамки на, како што рече, внатрепартиска и демократска процедура, добиле порака да се пријави секој што смета дека има амбиција, програма, визија и платформа за да води некоја од општините.
-Да се пријави секој што цени дека може да додаде вредност и ќе биде вклучен во мерењата. Тоа е еден партиски и коалициски механизам кој ние го имаме, во мерењата помеѓу граѓаните, во средината во која поединецот има амбиција и, откако ќе ги сублимираме резултатите, тогаш ќе излеземе во јавноста со имиња, рече Мицкоски. ац/нд/