Прва регионална конференција за подигнување на свеста за волонтерството и вклучување на возрасните во пренесување на нивното знаење на младите
- Подигнување на свеста за волонтерство и тоа да биде подобро развиено во Македонија, да се искористи и искуството на возрасната популација кое може да биде од голем бенефит посебно за младата популација во спроведување на своето искуство и помагање во секојдневното нивно функционирање посебно во професионален аспект, е целта на Првата регионална конференција за волонтирање насловена „Мостови на искуство: Зајакнување на сениорското волонтирање за одржлив развој низ Балканот“, што се одржува во Скопје.
Скопје, 25 ноември 2025 (МИА) - Подигнување на свеста за волонтерство и тоа да биде подобро развиено во Македонија, да се искористи и искуството на возрасната популација кое може да биде од голем бенефит особено за младата популација во спроведување на своето искуство и помагање во секојдневното нивно функционирање посебно во професионален аспект, е целта на Првата регионална конференција за волонтирање насловена „Мостови на искуство: Зајакнување на сениорското волонтирање за одржлив развој низ Балканот“, што се одржува во Скопје.
Конференцијата е во организација на Асоцијацијата за спорт и волонтерство во партнерство со Министерството за економија и труд со поддршка на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи, како и на партнерските ЕУ организации: Центарот за европско волонтерство (CEV) и Конфедерацијата на европските услуги на сениорски експерти (CESES).
Извршниот директор на Конфедерацијата на европските услуги на сениорски експерти, Исмаел Паез Цивико изјави дека конференцијата ја организираат во Скопје со цел тоа да им биде почетна точка, да ја прошират приказната за волонтерството во целиот Западен Балкан, затоа што гледаат дека тука не е доволно развиено и сакаат да промовираат волонтерство, сениорско волонтерство.
На конференцијата, посочи тој, ќе учествуваат претставници на институции и ќе ја промовираме оваа тема и сакаме волонтерството да биде многу подобро развиено.
- Сакаме да не остане изгубено сето знаење и познавање што го имаат сениорите односно возрасните граѓани и нив ќе ги вклучиме да го пренесуваат тоа знаење на помладите генерации и со тоа ќе се зајакне целата заедница и ќе имаме меѓугенерациска солидарност. Исто така сакаме да промовираме и активно стареење што е многу важно покрај физичкото здравје на луѓето треба да се одржува и менталното здравје, додаде Паез Цивико.
Претседателот на Асоцијацијата за спорт и волонтерство, Нада Рочевска рече дека кога се зборува за волонтерство, а посебно за волонтерството во земјава, се зборува за еден спектар кој има мала историја, но не е се уште развиен.

- Нашата идеја е да помогнеме во македонското општество и ќе ги искористиме ресурсите на луѓето кои се искусни. Планираме да спроведеме локални проекти каде ќе можеме заедно со нашите локални партнери да правиме проекти за да ја подигнеме свеста за волонтерството, но и да го искористиме и искуството на возрасната популација кое може да биде од голем бенефит посебно за младата популација во спроведување на своето искуство и помагање во секојдневното нивно функционирање, посебно во професионален аспект. Кога зборуваме за сениор волонтерството треба да земеме предвид дека тоа е огромна можност за вмрежување посебно во бизнис сферата на самите лица кои се волонтери меѓутоа ја отвора и можноста и помошта во општеството и во други сегменти. Кога зборуваме за сениор волонтерството зборуваме за секаква професија, рече Рочевска.
Значи, појасни таа, тука зборуваме за бизнис сопственици кои можат да го споделат своето искуство, но воедно и да се вмрежат со своите колеги, почнувајќи од сопственик на месари, до доктори, ИТ инженери итн. Таа истакна дека буквално секоја професија има свои експерти кои може да помогнат и да го дадат своето знаење.
- За волонтерството кога зборуваме за повозрасната популација најголем интерес во Македонија има во приватниот сектор, лекари, наставници, ИТ сектор. Повеќе од сигурна сум дека младата популација, која за жал не останува во голем број во моментов, може да има голема корист и да биде заеднички бенефитот. Бенефитот за сениорите е дружбата, да се вмрежиме, да си помогнеме заедно еден на друг. Огромен бенефит е, а тоа можеме да го видиме и од функционирањето и во балканските земји, меѓутоа зборуваме посебно во европскиот свет, каде споделувањето на личното искуство, знаење и својата експертиза е нешто што во Европа има голема цена. Сениор волонтерите тоа го прават од своја љубов и придонес кон општеството, враќаат назад кон општеството. Зборуваме за лица на возраст од 50 години, па нагоре. Според тоа што го имаме направено во истражувањето има интерес, рече Рочевска.
Таа потенцира дека многу ја радува што на основа на интересот кој го виделе дошле на идеја со колегите да почнат да го инволвираат сениор волонтерството. Кога зборуваме за оваа конференција, појасни таа, треба да имаме на ум дека не е само за сениор волонтерството, тука е и спорт волонтерството.
- Во Македонија, според сите индикатори досега кога зборуваме за волонтерство, луѓето најмногу се поистоветуваат и најголемо искуство имаат во спортските настани кои досега се одржуваа, а сепак ги имаме во поголем број. Целта е на конференцијата да ги собере сите колеги кои работиме во волонтерството заедно со колегите од Брисел, да го искористиме нивното знаење и искуство, да го донесеме во нашата земја, да ги поставиме основите на волонтерството во општеството, посебно сега кога целиме кон членство во Европската унија, а еден од главните демократските процеси е развој на општеството кое се случува преку волонтерството. Токму тоа доаѓа од европските земји. Ги учиме од нив позитивните практики и се обидуваме во национален контекст да ги спроведеме, истакна Рочевска.
Таа посочи дека развојот на волонтерството во една земја зависи од повеќе фактори, економски, социјален, финансиски, историски, па се случува во Европа и на Балканот две соседни земји да имаат различно ниво на развиено волонтерство. Нагласи дека волонтерството во регионот е најмногу развиено во Хрватска и Словенија.
- За жал ја имавме трагедијата во Кочани и од неа видовме дека македонскиот народ е солидарен народ и сака да помогне и видовме како волонтерите се организираа многу брзо, си помогнаа меѓу себе и на тој начин дадоа одговор во целата таа несреќа. Тоа е вид на волонтерство кое се раѓа од трагични настани, но нас ни беше голем патоказ и ни докажа дека како народ, посебно младата популација, сакаме и можеме да си помагаме и да создадеме општество во кое ќе оставиме една вредност за новите генерации за помош на возрасните, додаде Рочевска. рп/вј/
Фото: МИА