Минчев: 2025 беше година на суштински, а не на козметички реформи во јавната администрација
- Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска оцени дека 2025 беше година на суштински, а не на козметички реформи во јавната администрација. Министерството, како што рече на денешниот брифиг со медиумите, ја засили својата улога во спроведувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030, која е директно поврзана со европскиот пат на државата и претставува дел од Кластерот „Основи“ во пристапните преговори со ЕУ.
Скопје, 24 декември 2025 (МИА) - Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска оцени дека 2025 беше година на суштински, а не на козметички реформи во јавната администрација. Министерството, како што рече на денешниот брифиг со медиумите, ја засили својата улога во спроведувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030, која е директно поврзана со европскиот пат на државата и претставува дел од Кластерот „Основи“ во пристапните преговори со ЕУ.
Министерот Минчев потсети дека во јуни 2025 година бил направен клучен реформски чекор со донесување на три системски закони: Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници или првпат формирање Академија за обука и едукација на јавните службеници во Република Македонија.
-Ова е основата или првиот чекор кон толку очекуваните реформи во јавната администрација. Со овие закони е поставен темелот на модерна, професионална и департизирана јавна служба со јасни правила за вработување, напредување и развој. Со ова сакаме да покажеме дека сепак знаењето, интегритетот и резултатите се единствена валута во јавниот сектор, истакна Минчев. Потсети дека овие три закони биле донесени со транспарентен и јавен процес, со четири јавни расправи и дебати во кои се вклучиле сите заинтересирани: сите институции, околу 50-тина општини, претставници на ЗЕЛС, домашни НВО, синдикати и нивни претставници, меѓународни партнери и организации и со јавна расправа во Собрание. Најави дека оваа практика ќе продолжи и за сите идни закони.
Тој информира дека интензивно работат на Законот за висока раководна служба, за кој е формирана работна група со претставници од релевантни институции и нагласи дека целта е раководните позиции да не бидат политички плен или партиски, туку да станат професионална одговорност. Ова, како што рече, е еден од најважните закони и долго очекуван, кој треба да овозможи јасно раздвојување на политиката од професионалното управување и селекција која ќе биде заснована на заслуги и еднакви можности. Дополнително, како втор главен елемент од овој закон, ќе се работи и на рационализација на Управните одбори, со помал број членови, со повисоки критериуми и поголема отчетност, но и со огромна заштеда во буџетот. Минчев информира дека бројот на членови во Управните одбори ќе се намали на три членови. Се очекува Законот за висока раководна служба до крајот на годината да биде објавен на единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).
-Нашата визија е со другите закони, како Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), кој е во исто така е во работна позиција во овој момент бидејќи е формирана работна група, да имаме помалку институции, помалку трошоци, а поголема ефикасност и доверба, вели министерот Минчев.
Паралалено со овој закон во подготовка е и новиот Закон за организација и работа на органите на државна управа (ЗОРОДУ), со поддршка од експерти на SIGMA. Според Минчев, со овој закон намерата е да се воспостави модерна и функционална државна администрација, со јасни надлежности и рационална институционална структура. Целта на законот е намалување на преклопувањата, спојување на институциите со слични функции и поодговорно користење на јавните средства.
Миничев посочи дека годинава беше усвоен и Законот за инспекциски надзор, со кој инспекторатите се интегрирани во рамки на надлежните министерства. Со тоа се укина Инспекцискиот совет и функционерските позиции поврзани со него, или заштеда од 300 илјади евра на годишно за државниот буџет.
Тој информира дека унапредувањето на ИТ-алатката претставува значајно институционално унапредување на ресорното министерство и овозможува, како што рече, централизирано, стандардизирано и ефикасно следење на спроведувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030.
Минчев информира дека посветиле внимание на јакнење на капацитетите на админстративците. Завршен е првиот циклус на генерички обуки со физичико присуство за околу 1 000 службеници низ државата низ четири одржани регионални обуки. Реновиран е Центарот за обуки во Аеродром, а со поддршка од УНДП бил развиен LMS-системот, кој од јануари 2026 година ќе биде достапен за сите институции. Модернизиран и унапреден бил во целост информацискиот систем за управување со човечки ресурси, при што Владата преку Министерството за јавна администрација се стекна првпат со право на сопственост на двата изворни кода на споменатиот систем. мд/вј/
Фото: МИА