Почнува креирањето на новиот буџет на Општина Карбинци
- Општина Карбинци почнува со креирање на буџетот за 2026 година, во којшто ќе бидат вклучени и граѓаните со свои идеи и барања, најави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.
Карбинци, 25 ноември 2025 (МИА) – Општина Карбинци почнува со креирање на буџетот за 2026 година, во којшто ќе бидат вклучени и граѓаните со свои идеи и барања, најави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.
Тој истакна дека граѓаните веќе од утре ќе можат да ги доставуваат своите предлози за новиот буџет.
-Ги повикуваме граѓаните, вратата на општината ќе биде отворена за секој еден кој има идеја, предлог да го предложи и заеднички да го креираме Буџетот за следната 2026 година. Очекувам во следниот период да имаме посета од страна на жители, коишто ќе имаат одредена идеја, предлог, но и проблем којшто ние не го знаеме да можеме да го решиме, изјави Паунов.
Според првичните проекции се очекува основниот буџет на Општина Карбинци да изнесува околу 70 милиони денари со можности за негова промена. Освен идеите кои ќе бидат предложени од страна на граѓаните, за реализација ќе бидат и проектите од предизборната кампања на градоначалникот Паунов.
-Оној основен Буџет во овој момент изнесува некаде околу 70 милиони денари. Ова е неофицијално затоа што сѐ уште ќе се прават пресметките за се она што би било потпишано и ќе биде во тек на реализација, рече Паунов.
Тој додаде дека општината е отворена секој работен ден во периодот од 7:30 до 15:30 часот, а во истото работно време општината ќе биде отворена и претстојниот викенд. вдј/мд/
Фото: МИА