Почна реконструкцијата на фасада и спортски терен во ООУ „Св.Јоаким Крчовски“
- Во Крива Паланка започнаа градежните активности за поставување нова, енергетско-ефикасна фасада и обнова на училишниот спортски терен на објектот на основното општинско училиште „Свети Јоаким Крчовски“ – зграда Партизан.

Крива Паланка, 6 февруари 2025 (MИА) – Во Крива Паланка започнаа градежните активности за поставување нова, енергетско-ефикасна фасада и обнова на училишниот спортски терен на објектот на основното општинско училиште „Свети Јоаким Крчовски“ – зграда Партизан.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски денеска го најави почетокот на проектот со кој еден од најстарите објекти во општината ќе добие нова фасада и модерен спортски терен со тартан подлога.
-Со задоволство го најавувам почетокот на градежните активности за реконструкција на објектот на основното училиште „ Свети Јоаким Крчовски“, зграда Партизан. Инвестираме 7.000.000 денари за реконструкција и обнова на фасадата, со нова, енергетски-ефикасна фасада и обнова на спортскиот терен во дворот на училиштето. Учениците добиваат современ терен за спортување со тартан подлога и заштитна ограда. Ова е еден од најстарите училишни објекти во градот, изграден во 20-те години на минатиот век и токму овој објект наскоро добива нов , модерен лик. Спортскиот терен на училиштето, се користи за време на наставата од страна на учениците и наставниците , но ова игралиште е препознатливо маалско катче за спорт и рекреација што го користат и сите млади од градот. Со неговата обнова ќе донесеме нова радост и за учениците, за младите и спортистите и спортските клубови од нашиот град, изјави Митовски.
Порача дека во општината деновиве ќе отпочне уште два проекти за уредување на локации каде ќе се креираат урбани паркови и ќе бидат уредени нови спортски терени за младите, како и детско катче за најмладите жители на општината.ид/фф/
Фото: Општина Крива Паланка