• сабота, 06 декември 2025

Поставени прочистувачи на воздух во четири основни училишта и двете градинки во Струмица

Поставени прочистувачи на воздух во четири основни училишта и двете градинки во Струмица

Струмица, 5 декември 2025 (МИА) - Професионални прочистувачи на воздух се поставени во општинските основни училишта „Никола Вапцаров “, „Маршал Тито “, „Видое Подгорец ”, „Сандо Масев ” и градинките ДГ „Виножито “ и ЈПУДГ „Детска Радост ”, соопшти градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, на неговиот фејсбук профил, откако денеска ги посетил училиштата и градинките.

-Благодарение на донацијата од Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, дел од нашите образовни институции добија висококвалитетни уреди што користат Х14 ХЕПА филтри-филтри кои задржуваат над 99.995 отсто од вирусите, бактериите и другите микроорганизми, обезбедувајќи квалитет на воздух кој се споредува со услови во стерилни простории, напиша на Фејбук струмичкиот градоначалник.

Според него, овие прочистувачи располагаат и со префилтер со активен јаглен, кој значително ја намалува непријатната миризба и го редуцира присуството на озон, азотни оксиди и летливи органски соединенија. Со капацитет од 2500 метри кубни на час уредите овозможуваат петкратна размена на воздухот во просториите секој час-нешто што директно придонесува за поздрава средина.

-Здравјето и безбедноста на нашите најмали се врвен приоритет за Општина Струмица. Со овие современи прочистувачи на воздух обезбедуваме чист и свеж воздух во образовните институции и создаваме побезбедна животна средина за децата да можат да растат и да се развиваат здраво, додава на крајот градоначалникот Јанков во неговата објава. рт/дма/

Фото: ФБ Петар Јанков

Остани поврзан