Пленковиќ за инцидентите во Загреб и Сплит: Законот на улицата нема да помине
- „Ние сме тие што сме браната на нормална и инклузивна Хрватска, против сите оние што се обидуваат да ги остварат своите политички цели, со некаков квази-обид за дестабилизација на парламентарното мнозинство, што нема да функционира бидејќи парламентарното мнозинство е стабилно“, рече Пленковиќ по седница на врвот на партијата во Загреб.
Загреб, 10 ноември 2025 (МИА) – Хрватскиот премиер и претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ вечерва повторно ги осуди инцидентите во Сплит и Загреб и рече дека законот на улицата нема да помине.
„Ние сме тие што сме браната на нормална и инклузивна Хрватска, против сите оние што се обидуваат да ги остварат своите политички цели, со некаков квази-обид за дестабилизација на парламентарното мнозинство, што нема да функционира бидејќи парламентарното мнозинство е стабилно“, рече Пленковиќ по седница на врвот на партијата во Загреб.
Премиерот нагласи дека ХДЗ „се залага за културна, цивилизирана, инклузивна Хрватска, општество кое е стабилно, самоуверено, сигурно во себе откако постигна победа во Татковинската војна, обезбедувањето територијален интегритет, градењето на своите институции, постигнувањето на сите меѓународни достигнувања на ЕУ и НАТО“.
Пленковиќ уште еднаш ги обвини партиите од левицата и крајната десница за силната поларизација на општеството, и дека, како што рече, левицата ги обвинува ХДЗ, владата и него за историски ревизионизам и усташтво, додека партиите од крајната десница, поради нивната инклузивна политика кон правата на националните малцинства, вклучувајќи ги и српските права, ги прогласуваат за носители на некаков вид југословенска ревизија.
Премиерот уште еднаш остро го осуди нападот врз српската национална заедница за време на културната манифестација во Сплит минатата недела, како и онаа во Загреб, која ја нарече „крајно непримерен настан“.
Премиерот, меѓутоа, оцени дека е непримерен и изборот на Дејан Медаковиќ за тема на изложбата на српското малцинство во Загреб, но не делот поврзан со уметноста и културата, туку со активностите и функцијата во САНУ.
„Не велам дека српското малцинство во Хрватска не треба да има активности од било каков карактер, но некои теми поврзани со Медаковиќ беа политички лошо избрани и не придонесоа за смирување на тензиите“, рече Пленковиќ.
На прашањето за иницијативата на градоначалникот на Вуковар да ја одложи „српската“ изложба во Вуковар поради комеморацијата на жртвите од Вуковар во 1991 година, Пленковиќ одговори дека „не се занимавал со содржината на изложбата“ и дека сака сите малцинства да имаат право да го негуваат својот идентитет и култура, и дека на секого е да размисли каква содржина ќе вклучи во своите програми.
Тој, исто така, рече дека е во контакт со претставникот на српското малцинство, Милорад Пуповец, и повтори дека сите активности на српската заедница се заштитени со обезбедување за да се избегнат ситуации за кои, како што истакна, „повеќе треба да се срамиме отколку да се гордееме“.
„Не е реално што улиците се преполни, а државата гледа со скрстени раце“, заклучи премиерот.сд/
фото:МИА архива