Папата Лав во Либан - средби со верски лидери, молитва на местото на експлозијата и порака за помирување
- Папа Лав Четиринаесетти денеска ќе се сретне со лидерите на различните верски заедници во Либан, каде се очекува да ги повика да не ја напуштаат земјата и покрај годините конфликти, политичка парализа и економска криза кои предизвикаа нови бранови иселување.
Бејрут, 1 декември 2025 (МИА) – Папа Лав Четиринаесетти денеска ќе се сретне со лидерите на различните верски заедници во Либан, каде се очекува да ги повика да не ја напуштаат земјата и покрај годините конфликти, политичка парализа и економска криза кои предизвикаа нови бранови иселување.
Лав, прв папа од САД, ќе ја посети либанската христијанска заедница пред да биде домаќин на меѓурелигиски дијалог со сунитски и шиитски муслимани, друзи и мигрантски работници.
Папата, кој ја опиша посетата како мировна мисија, вчера ги повика либанските политички лидери да истраат во напорите за мир и покрај „многу сложената, конфликтна и неизвесна“ регионална ситуација. Тој ќе престојува во Либан до утре, во рамки на втората етапа од своето прво патување во странство, кое започна во Турција.
Папата за денеска има исполнета агенда. Тој ќе го посети гробот на свети Шарбел, католички светител кој е почитуван низ регионот.
Толпа верници се собра уште рано изутрина за да го пречека, држејќи чадори поради дождот и пречекувајќи го со аплауз. Истовремено, ѕвонеа црковни ѕвона додека неговиот конвој пристигнуваше.

- Навистина ја очекувавме посетата на папата бидејќи ни ја подига надежта. Тој дојде да ни потврди дека ова што го живееме – нема да биде засекогаш, изјави свештеникот Тони Елијас, маронит од Рмеих, христијанско место блиску до израелската граница.
– И веруваме дека со себе носи порака на мир, која навистина ни е потребна.
Либан – земја со најголем удел на христијани на Блискиот Исток – е погодена од прелевање на конфликтот од Газа, при што Израел и либанската шиитска група Хезболах се во војна што ескалираше со разорна израелска офанзива.
Земјата, во која има околу еден милион сириски и палестински бегалци, се бори да се извлече од тешката економска состојба по децении неодговорно трошење што ја доведе економијата во криза во 2019 година.
Папата ќе одржи и средба со младите, каде се очекува да ги повика да придонесат кон мир во земјата која секојдневно се соочува со израелски бомбардирања.
Израел тврди дека продолжувањето на нападите по минатогодишното примирје е насочено кон спречување на Хезболах да ја обнови воената способност и повторно да стане закана за северните израелски заедници.
Во агендата на папата е и молитва на местото на хемиската експлозија во пристаништето во Бејрут од 2020 година, во која загинаа 200 лица, а беа причинети милијарди долари штета. Тој ќе предводи и миса на отворено на бејрутската рива и ќе посети психијатриска болница, една од ретките установи за ментално здравје во земјата. ссм/мс/
фото: ЕПА