• петок, 05 декември 2025

Општина Ѓорче Петров го имплементира проектот „UrbanGreenLeap - Мултифункционален пилот-парк во Волково“

Општина Ѓорче Петров го имплементира проектот „UrbanGreenLeap - Мултифункционален пилот-парк во Волково“

Скопје, 11 ноември 2025 (МИА) - Општина Ѓорче Петров почна со имплементација на проектот „UrbanGreenLeap - Мултифункционален пилот-парк во Волково“, поддржан преку Interreg Euro-MED - програмата, кофинансирана од Европската Унија, соопштија попладнево од локалната самоуправа.

- Проектот има за цел да создаде современ мултифункционален зелен простор во населбата Волково, што ќе претставува пример за одржливо урбано уредување, комбинирајќи рекреација, едукација и заеднички активности на граѓаните. Цели на проектот се јакнење на капацитетите на локалната самоуправа за одржливо управување со зелените површини, поттикнување активно учество на граѓаните во процесите на урбано планирање, развивање урбани планови што ја интегрираат природата и биодиверзитетот во секојдневното живеење и подобрување на зелената инфраструктура и намалување на ефектите од климатските промени, се појаснува во соопштението.

Според градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, со овој проект се започнува нова страница во односот кон зелените површини.

- Волково и Ѓорче Петров добиваат пример за урбан, модерен и одржлив развој што ќе ја интегрира природата во секојдневното живеење, се наведува во пишаната изјава на градоначалникот.

Од локалната самоуправа информираа дека вкупен буџет за проектот е 2.388.555,00 евра, и истиот е финансиран од Interreg ЕУ фондовите во износ од 1.910.844,00 евра. Периодот на имплементација бил од 01.04.2025 до 31.12.2027 година.

- Со проектот „UrbanGreenLeap“, Општина Ѓорче Петров прави значаен чекор кон создавање поодржлива и поквалитетна урбана средина. Новиот мултифункционален парк во Волково ќе стане модел за современо урбано зеленило и инспирација за идните генерации да ја негуваат природата како суштински дел од градскиот живот, се истакнува во соопштението. бд/дма/

Фото: Општина Ѓорче Петров

Остани поврзан