• среда, 10 декември 2025

Општина Тетово и Национален конзерваторски центар се обврзаа на соработка со цел да се изгради Саат кула од Османлискиот период

Општина Тетово и Национален конзерваторски центар се обврзаа на соработка со цел да се изгради Саат кула од Османлискиот период

Тетово, 10 декември 2025 (МИА) - Општина Тетово и Националниот конзерваторски центар потпишаа Меморандум за соработка со цел да се изгради Саат кулата која постоела во Османлискиот период во градот. За да се изгради оваа Саат кула, Општина Тетово ќе прифати донација од Општина Коња од Турција. 

-Денес од формално правен аспект потпишавме Меморандум, со што почнува институционална соработка во правец на враќање на овој важен објект за културното наследство во Тетово. Исто така претходно значи се направени неколку контакти со важни институции во земјата и надвор. Во овој правец обезбедени сите финансиски, односно донација од Општина Коња во Турција во рамките на соработката на Општина Тетово со Унијата на турски општини во светот, изјави градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.

Директорот на Национален конзерваторски центар, Александар Јордановски кој го потпиша Меморандумот, рече дека неговата институција како надлежна установа ќе ги започне сите неопходни подготвителни работи, почнувајќи од валоризација на културното наследство, проверка на досегашниот проект и ревидирање на целокупната документација.

-На крајот на 2005 година и почеток на 2006 година се започнати археолошки ископувања. Тоа е неопходна законска и стручна процедура кога се започнува со возобновување на некој проект. Во 2016 е направен проектот. Дадени се одредени забелешки и тука е застаната работа. Саат кулата е класифицирана како недвижно културно добро од профан карактер во Османлискиот период.  Изградена е според расположливите податоци меѓу 1566 и 1576 година. Прв пат се споменува во 1608 година. Во 17 век, Тетово го зафаќа голем пожар и се губи целосно документацијата за дотогаш изградените објекти во градот, истакна Јордановски.

Тој воедно информираше дека во 1822 година Реџеп Паша ја возобновува саат кулата и како таков објект трае околу 110 години до 1933 година, кога со тогашниот урбанистички општината решава на тоа место да поминува улица и објектот кој веќе бил разграден, прекинува да постои. ас/дма/


Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан